Компанијата Škoda преку моделот Superb изгради слика за автомобил каде просторот и удобноста се секогаш на прво место, но со верзијата Sportline, чесите сакаат да докажат дека практичното размислување и возачкиот шарм всушност можат да создадат одлична кохезија.
Во сегментот на големи семејни седани конкуренцијата не е ниту малку занемарлива, а купувачите денес очекуваат многу повеќе од само простор и удобност. Токму затоа Škoda со Sportline изведбата се обидува да отвори нова категорија помеѓу класично удобните изведби и целосно спортски ориентираните конкуренти од премиум сегментот. Прашањето кое си го поставивме пред почетокот на тестот беше едноставно, дали додадениот спортски идентитет носи вистинска суштинска промена во карактерот на возилото, или станува збор единствено за козметичка интервенција врз добро познатата рецепура.

Полн со карактер без прекумрна агресивност
Гледнато однадвор моделот во Sportline пакетот веднаш се издвојува од стандардните изведби со препознатливи детали кои му даваат посамоуверен, поспортски карактер, без да падне во стапицата на прекумерна агресивност. Октогоналната решетка на ладилникот, инспирирана од традиционалниот кристален дизајн на Škoda, овде е обработена во темна хром боја, што веднаш го наметнува тонот за целото возило. „Матрикс“ ЛЕД светлосните склопови со кристална структура се дел од стандардната опрема и одлично се вклопуваат во острата, хоризонтално ориентирана предна маска.
Профилот на каросеријата прикажува јасна издолжена силуета со впечатливо меѓуоскино растојание од 2.841 мм и уште повпечатлива вкупна должина од 4.912 мм, висината од само 1.481 мм му дава на автомобилот визуелно спуштена силуета, речиси како кај големите купе модели и покрај габаритите на седан од Д сегментот. Во Sportline пакетот серски доаѓаат алуминиумски тркала со димензија 19 инчи, обуени во пневматици 235/45 R19, кои визуелно го исполнуваат отворите, а нивниот дизајн додава дополнителна доза на динамика.
Задниот дел е дефиниран со тенки, хоризонтално поставени ЛЕД светлосни елементи поврзани со лента преку целата ширина на автомобилот, детал кој денес е речиси задолжителен во сегментот, но кај Superb делува особено елегантно, без непотребна театралност. Во целината одлично се вклопува и краткиот спојлер поставен на багажникот и се грижи за подобра аеродинамика на повисоки брзини. Севкупно гледано, надворешноста остава впечаток на автомобил кој делува моќно и со силно присуство на патот, а сепак поседува одредена доза на воздржаност и ненаметливост.
Спортска нишка со премиум чувство
Со влегувањето во кабината го доживувате моментот по кој веднаш ќе ви стане јасно зошто овој модел веќе години наназад е синоним за простор во сегментот, особен ако досега не сте имале прилика да се сретнете со Superb. Да трегнеме по обратен редослед, на задниот седишен ред се нуди простор за колена и глава што ретко кој конкурент може да го изведе, а багажниот простор од 645 литри, кој со соборани седишта расте на впечатливи 1.795 литри, го прави Superb еден од најпрактичните избори за семејства или за деловни луѓе кои често патуваат со поголем багаж, а тука од голема помош е и нетипичната пета врата на багажникот.
Просторот на предниот дел е подеднакво импресивен, високиот кров и широко поставената кабина создаваат чувство на просторност кое ретко се среќава кај седани од овој формат. Спортски обликуваните возачкото и совозачкото седиште покрај одличната странична потпора се целосно електрично подесливи, со меморија која чува неколку профили, па секој возач за момент може да ги врати седиштето, огледалата, па дури и позицијата на инструменталната табла во претходно зачуваните поставки. Лумбалната поддршка, дополнително придонесува во целиот сетап, нешто што особено се цени кај лицата кои често возат на подолги релации.
Материјалите во кабината се на завидно ниво, а комбинација од Alcantara и кожа на седиштата се специфични за Sportline верзијата кои се загревани и опремени со функција за масажа, а тризонската автоматска климатизација обезбедува индивидуализирана удобност за сите патници. Спортскиот управувач со рамно дно, алуминиумските педали и амбиенталното осветлување со повеќе бои дополнително го нагласуваат спортскиот карактер на кабината, без притоа да се загуби чувството за префинетост кое одамна се очекува од знаменосецот во палетата на Škoda.

Технолошки, Superb е речиси целосно дигитализиран автомобил. Дигиталниот инструмент панел од 10 инчи е стандардна опрема, централниот инфотејнмент екран од 13 инчи е со остри графики и логична, интуитивна структура на менијата која овозможува безжично поврзување со системите на мобилните телефони, а проекцискиот (head-up) дисплеј дополнително му олеснува на возачот со тоа што концентрацијата е целосно насочена кон патот. Интеграција од дигиталната ера се и трите ротациски контроли со мини дисплеи т.н „паметни копчиња“ кои ви овозможуваат во едно да ја прилагодите температурата на климатизацијата, брзината на вентилаторот, но со само еден допир и јачината на звукот од аудио уредот или пак да зумирате на мапата од навигацијата.
Дизелски агрегат и погон на сите тркала
Срцето на тестираниот примерок е добро познатиот 2 литарски турбодизел агрегат од полиците на концернот кој може да се најде во повеќе модели, но овде е настроен на максимална моќност од 193 КС кои се достапни помеѓу 3.500 и 4.200 врт/мин. Една од неговите главни карактеристики е вртежениот момент кој изнесува впечатливи 400 Nm, достапни во широк опсег помеѓу 1.750 и 3.250 врт/мин, што практично значи дека моторот е секогаш подготвен за реакција, независно од режимот на возење. Со модерна common rail технологија на директно вбризгување и турбопoлнач со варијабилна геометрија на лопатките, овој агрегат е усогласен со најстрогата актуелна еколошка норма на ЕУ.

За преносот до тркалата е задолжен седумстепен автоматски (DSG) менувач кој промените на брзините се остваруваат брзо и практично незабележливо во нормален режим на возење, а во спортски режим менувачот реагира со забележливо покуса реакција и подолго задржување на повисоки вртежи, во согласност со карактерот на возилото, дополнително има и лопатаки на задниот дел од управучот како на возачот би се овозможил и мануелен избор на степенот на пренос. Суштински силата на агрегатот оди кон предната оска, но погонот на сите четири тркала (4×4) е способен во милисекунда автоматски да го распредели вртежниот момент кон тркалото кое има најголема потреба. Овој систем особено доаѓа до израз при лоши временски услови или на лизгава подлога, каде Superb демонстрира исклучителна стабилност.
Возните својства на Superb се токму она што и се очекува од спортски именуваната изведба која е за 15 мм пониска од вообичаено, без притоа да го изневери основниот карактер на моделот. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч се остварува за 7,6 секунди, што е повеќе од доволно динамично за секојдневна употреба, а максималната брзина е 230 км/ч. Управувањето е прецизно и директно, со добра повратна информација, додека за цело време потпирањето успева да ја одржи рамнотежата помеѓу спортски насочена реакција во кривини и удобност при подолги патувања. Токму тука лежи и најголемата предност на Superb Sportline, тој не бара компромис. Возачот кој сака подинамично искуство ќе го добие преку прецизниот сетап на шасија и брзиот менувач, додека патниците на задните седишта нема ни да забележат дека се во возило кое има спортски амбиции. Просечната декларирана потрошувачка е 5,7 литри, а во наши раце за нешто повеќе од 380 изминати километри регистриравме просек од 6,2 литри на 100 километри, што е повеќе од солидна бројка за возило со оваа моќност, тежина од речиси 1,9 тони и погон на сите четири тркала.
Преку Superb Sportline 2.0 TDI DSG 4×4, Škoda прикажува одличен пример за тоа како еден производител може да додаде спортски карактер на возило, без притоа да ја изневери неговата основна филозофија. И покрај тоа, останува практичен, простран и удобен автомобил, наменет за секојдневна употреба, деловни патувања или семејни авантури, но со додадена доза динамика која го прави возењето поангажирано и позабавно. Ако постои некаков заклучок по неколкудневното тестирање, тоа е дека Superb Sportline успева токму во она за што бил замислен, да делува посамоуверено и повозбудливо на прв поглед, а сепак да остане искрено свој.

Цена на тестираниот модел: 56.268 евра
Технички каракатеристики за Škoda Superb Sportline 2.0 TDI DSG 4×4
| мотор | Euro 6d, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред попречно |
| работна зафатнина | 1.968 cm |
| пречник и од | 81,0 x 95,5 mm |
| степен на компресија | 15,5:1 |
| напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар, турбополнач со варијабилна геометрија на лопатките, директно вбризгување на горивото (common rail), интеркулер |
| максимална моќ | 193 КС (142 kW) при 3.500–4.200 min/-1 |
| макс.вртежен момент | 400 Nm при 1.750–3.250 min-1 |
| трансмисија | на сите четири тркала (4×4), автоматска распределба на моментот преку две коаксијални мокри ламелести спојки, седумстепен (DSG) автоматски менувач |
| потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултиелементна оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
| сопирачки | напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
| пневматици | напред 235/45 R19, назад 235/45 R19 |
| каросерија | Liftback со пет врати, пет седишта |
| должина х ширина х висина | 4.912 x 1.849 x 1.481 мм |
| меѓуоскино растојание | 2.841 мм |
| траги (напред/назад) | 1.580/1.565 мм |
| тежина | 1.880 кг |
| максимална тежина | 2.320 кг |
| багажен капацитет | 625 / 1795 литри |
| резервоар | 66 литри |
| максимална брзина | 230 км/ч |
| Забрзување 0-100 км/ч | 7,6 секунди |
| потрошувачка (отворен пат/град/просек) | –/– / 5,7 л/100 км |
| емисија на CO2 | 151 г/км |
Škoda Superb во Македонија
| Škoda Superb Essence 1.5 TSI-e 150 HP | 38.870 евра |
| Škoda Superb Selection 2.0 TSI 204 HP | 45.060 евра |
| Škoda Superb Sportline 2.0 TSI 4×4 265 HP | 55.260 евра |
| Škoda Superb Essence 2.0 TDI 150 HP | 41.550 евра |
| Škoda Superb Selection 2.0 TDI 4×4193 HP | 50.100 евра |
| Škoda Superb L&K 1.5 TSI PHEV 204 HP | 53.590 евра |
| Škoda Superb Sportline 2.0 TDI 150 HP | 49.810 евра |
| Škoda Superb L&K 2.0 TSI 4×4 265 HP | 56.790 евра |
Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 26 266 или на www.skoda.com.mk.
Конкуренти:
| Peugeot E-3008 | од –.— до –.— евра |
| Hyundai IONIQ5 | од 47.000 до 65.000 евра |
| Tesla Model Y | од 46.500 до 73.000 евра |
| Volkswagen ID.4 | од 58.764 до 68.409 евра |
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.
The post Тест Škoda Superb Sportline 4×4: Разумот и спортскиот дух патуваат заедно appeared first on AVTOPLUS.mk.