Последните изјави на првите луѓе упатени во надворешната политика на Македонија, дека „протоколите не се дел од преговарачката рамка“, внесоа збунка во јавноста. Посебно кај оние што го прочитале македонскиот евроинтегративниот пакет и знаат дека на Вториот протокол се повикува имплицитно во самата рамка, усвоена од Советот на ЕУ на 30 јуни 2022, како на годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според членот 12 (од Договорот меѓу двете држави)“. Но исто така и експлицитно во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 (ден по потпишувањето на Вториот протокол на 17 јули), како на „Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија“. Конечно, истата експлицитна формулација стои и во Изјавата на тогашниот македонски премиер, со која се отвори Првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ на 19 јули 2022. Значи, во 3 официјални документи.

Со оглед на фактот дека изјавиве доаѓаат од извонредно писмени луѓе и без сомнение, посветени на напредокот на Македонија кон ЕУ (експресно спроведени реформи), се обидувам да си го објаснам променетиот наратив. Наратив кој звучи како негирање на очигледното, во стилот на онаа бугарска шеговита изрека, „тази дупка не е дупка“ (оваа дупка не е дупка).

Барајќи логична причина за сменетиот наратив, претпоставувам дека се работи за обид за „креативно решавање“ на бугарското вето. Зашто ветото постои, а бугарските политичари во безброј изјави не уверија дека од нас очекуваат испорака на целиот пакет бесмислени барања од идентитетска природа. Не се работи за САМО ЕДНО барање околу Бугари во Уставот, туку ги очекуваат и второто и третото и стоитретото барање од Вториот протокол, кои се просто препишани од нивната Рамковна позиција донесена едногласно во бугарскиот парламент во 2019. А во неа, Македонци и македонски идентитет нема, ни како народ, ни како јазик, ни како историја.

Значи, ДУПКА СЕПАК ИМА во правниот систем на нашава држава, кога нашето политичко водство го потпишало Вториот протокол на 17 јули 2022 и подоцна го верификувало неговото присуство во преговарачката рамка. Бугарија издејствувала скандалозната содржина да биде прифатена од Советот на Европската унија, иако е спротивна на европското и меѓународното право. Значи, ДУПКА ИМА и во правниот систем на ЕУ! И врзани сме во јазол со невозможни за исполнување барања, зад кои пред четири години застанале Македонија и ЕУ, со целите свои гломазни администрации, правни експерти, ПР експерти итн. Чаре?

Дупка во заб се затвора со пломба, откако ќе се исчисти гнилото. Дупка на пат, со асфалт изгазен со валјак. Дупка во правниот систем решава Уставниот суд или Собранието. За Вториот протокол треба ДА СЕ КОНСТАТИРА дека е правно ништовен документ и од Македонија и од ЕУ, за да го снема од правниот промет како кочница за евроинтеграцијата.

Да се потсетиме на хронологијата поврзана со напорите за поништување на Вториот протокол и негово дискредитирање како правно-обврзувачки документ пред европските институции. Пред четири години, во колумна во истиов медиуми (24.8.2022, еден месец по потпишувањето) под наслов „Протоколот е правно ништовен и не смее да наметнува штетни дејствија“, образложив дека не е полноправен правен документ, туку е обичен записник, зашто не е ратификуван во Собрание. Притоа предложив: „ Да се отвори дебата во општеството, во институциите, секако во Собранието, за следните можни чекори: писмено известување и објаснување до Бугарија за потребата од формално поништување на Протоколот; најава за можен прекин на Договорот, поради неисполнување на важни развојни одредби од заемен интерес и прекршување на редица членови; барање за итен прекин на прекршувањата на Договорот со непријателски дејствија преку бугарските клубови, изјави и дејствување на највисоки бугарски функционери; барање за дигање на ветото за почеток на нормални преговори на Македонија без непринципиелни уцени.“ Но, ова укажување беше игнорирано, додека нашата евроинтеграција се комплицираше, со секоја од многуте бугарски влади.

Кога ни по три години не мрднавме и преговарачката рамка ни стана јамка, излегов со најава (4.7.2025) дека како граѓанин ќе поднесам Уставна иницијатива за поништување на Вториот протокол, кој е нон-документ и треба тоа едноставно да го утврди Уставниот суд. Трнав од правното толкување на Вториот протокол и преговарачката рамка, укажувајќи на 7 правни прекршувања и кршења на Уставот и законите, поднесувајќи ја на 24 јули 2025, пред една година. Уставниот суд ја прифати за разгледување и еве, уште чекаме продолжение на постапката.

Во меѓувреме европскиот известувач за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц од Европските Зелени, побара амандман за разјаснување на позицијата на Вториот протокол во преговарачката рамка, од страна на правната служба на Советот на ЕУ, повикувајќи се на започнатата процедура за поништување во Уставен суд и неговата неускладеност со европското право. Ова ме поттикна да се обратам директно, како иницијатор на Уставната иницијатива и како поранешна пратеничка и потпретседателка на македонското Собрание, до европските пратеници од Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот комитет за Македонија и ЕУ, со појаснување на проблемите што ги содржи овој протокол. Тоа беше повод за организирање на бугарските пратеници ОД СИТЕ ПАРТИИ да испратат зеднички нонпејпер до колегите, инсистирајќи на клучното значење на Вториот протокол во македонската преговарачка рамка и барајќи да не се прифати амандманот на Вајц. По целата таа парламентарна бура, бугарската страна со пријателите победи и овој амандман не доби мнозинство, исто како ни следниот од Вајц, на пленарна седница, во слична насока. Бугарите жестоко го бранат Вториот протокол во преговарачката рамка, зашто за тоа се избориле.

Кога барањата за толкување на односот Втор протокол – преговарачка рамка не успеаја низ голема парламентарна врата, со македонскиот активист од Германија, Гоце Перовски, дојдовме на идеја да пробаме на мала врата: како граѓани поднесовме барање до европските институции за увид во документацијата околу македонската преговарачка рамка и Вториот протокол. Рокот е некаде во првата половина на август, па да видиме што ќе добиеме.

И еве не, како македонски граѓани, но и како Македонци од светот, изначекани по европските и светски чекалници за да добие Македонија пристап до институциите, каде што природно, географски и цивилизациски, припаѓа. Како добронамерници, ги поддржуваме сите политички напори за напредок на земјава и очекуваме добри вести. Но од политичарите очекуваме ЈАСНИ И РАЗБИРЛИВИ СТАВОВИ.

Да заклучам: Ако изјавите „протоколите не се дел од преговарачката рамка“ значат дека државата НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЗА ПРАВНО ВАЛИДНИ (бидејќи процедурално, тие de jure не се валидни) и во таа смисла, НЕМА НАМЕРА ДА ГИ ИСПОЛНУВА, тогаш изјавите може да ги наречеме „добри вести“.

Но сепак, не е доволно да се заврши со изјави на поединечни функционери, колку и да се високи хиерархиски. Овој процес на ПОНИШТУВАЊЕ НА ПРОТОКОЛИТЕ мора да има ПРАВНА РАЗВРСКА во Македонија, за да може да има и во европските институции. Со ова земјава би се ослободила од товарот на преземени обврски, нератификувани во Собрание, необјавени во Службен весник, што прекршуваат 3 члена од Уставот, 14 члена од Законот за преговарање, потпишување и ратификација на меѓународни договори и 2 члена од Законот за надворешни работи.

The post Тази дупка е дупка и мора да се затвори за да го изодиме европскиот пат appeared first on plusinfo.mk.