
Силното невреме што вчера го зафати Скопје каде според Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија е измерен ветер со брзина од 130 километри на час, а од поројните дождови се измерени 8 литри на метар квадратен на Зајчев Рид и 11 литри на метар квадратен, предизвика проблеми и на авиосообраќајот. Според информациите од Министерството за внатрешни работи поради протекување на кровот на Меѓународниот аеродром Скопје околу час и половина бил прекинат излезот од државата.
-Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина, соопшти денес МВР.
Видеа од протечениот кров на аеродромот доцна синоќа и утрово се споделуваа на социјалните мрежи од патиници присутни таму.
Од ТАВ Македонија за „Локално“ изјавија дека обилните врнежи и силниот ветер предизвикале протекување на вода во дел од терминалната зграда, но дека немало структурни оштетувања кои би влијаеле на безбедноста на авиосообраќајот.
-Вчерашното невреме, што го зафати Скопје и скопскиот регион, а со тоа и Меѓународниот Аеродром Скопје и што проследено со исклучително обилни врнежи и силен ветер, предизвика и резултираше со локализирано протекување вода во дел од терминалната зграда. Нема настанати структурни оштетувања што би имале влијание врз безбедноста или оперативното функционирање на аеродромот. Просторот беше веднаш обезбеден, а надлежните аеродромски служби и тимови веднаш реагираа согласно воспоставените процедури, изјавија за „Локално“ од ТАВ Македонија.
Од компанијата која управува со скопскиот аеродром велат дека протекувањето во дел од терминалната зграда не влијаело на работата на аеродромот и дека покрај временските неприлики немало откажување на летови.
– И покрај временските неприлики, освен доцнење на неколку летови, работата на Меѓународниот Аеродром Скопје се одвиваше непречено. Безбедноста на патниците, вработените и авиосообраќајот во ниту еден момент не беше загрозена, а сите летови се реализираа согласно предвидениот ред на летање, а во исто време со почитување на сите стандардни оперативни процедури и планови за постапување при временски непогоди, изјавија од ТАВ Македонија.
Од патниците, како што појаснуваат од ТАВ Македонија, вчера не биле евидентирани посериозни реакции по протекување на кровот.
-Благодарение на брзата реакција на оперативните служби, просторот беше веднаш обезбеден, а аеродромските операции и движењето на патниците продолжија непречено, изјавија од ТАВ Македонија.
Од Компанијата која управува со аеродромот, велат дека и покрај временските услови, настанот го менаџирале согласно воспоставените безбедносни и оперативни процедури.
-Безбедноста на патниците, вработените и авиосообраќајот во ниту еден момент не беше доведена во прашање, а оперативните процеси на аеродромот и летовите се одвиваа редовно, согласно предвидениот ред на летање, изјавија од ТАВ Македонија.
Е.Б.