
„Одлуката на УНЕСКО да ѝ даде на државата дополнителен период за спроведување на препораките не смее да се толкува како победа или како доказ дека проблемите се надминати. Напротив, ова е јасна порака дека меѓународната заедница сè уште верува дека можеме да ги исправиме грешките, но истовремено очекува конкретни резултати, а не нови ветувања“, вели во изјава за „Локално“, д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директорка на ЈНУ „Хидробиолошки завод – Охрид“.
Нејзиниот став е дека не добивме пет години за да размислуваме, туку добивме пет години за да дејствуваме. Тасевска потсетува дека во изминатите години имавме бројни препораки, акциски планови и стручни анализи.
-Дел од нив се реализирани, но многу клучни мерки останаа недовршени или се спроведуваат со недоволна динамика. Затоа денес повеќе не смееме да зборуваме за планови, туку за реализација. Она што најмногу загрижува е што сè уште постои јаз меѓу научните сознанија и институционалното постапување. Науката со години предупредува на влијанието на урбанизацијата, инфраструктурните зафати, загадувањето, климатските промени и притисокот врз крајбрежниот појас. Тие предупредувања мора да станат основа за секоја одлука што се носи во Охридскиот Регион, потенцира соговорничката.
Тасевска е децидна дека Охридското Езеро не може да се штити декларативно и не може да се заштити ниту со поединечни проекти.
-Потребен е интегриран систем на управување, институционална координација и политичка волја научните препораки да станат обврска, а не избор. Не треба да се залажуваме дека со оваа одлука опасноста е помината. Таа е само одложена. Ако во наредните години не покажеме мерлив напредок, ризикот повторно ќе биде актуелен, а тогаш ќе биде многу потешко да се оправда пропуштената можност, вели директорката, додавајќи дека ова не е прашање само на статусот пред УНЕСКО, туку и на нашата способност да го зачуваме највредниот природен и културен простор што го има државата.
-Не треба да бараме виновник само во една институција или во една власт. Ова е резултат на долгогодишно непостапување. Одговорноста е поширока и мора да биде институционална, политичка и професионална.
Како научник, сметам дека ова треба да биде пресвртница. Конечно мора да престанеме да реагираме само кога ќе добиеме меѓународно предупредување. Треба да изградиме систем во кој научните податоци ќе ги насочуваат политиките, а институциите ќе постапуваат навремено, координирано и транспарентно, нагласува Тасевска, уверувајќи дека петте години што ги добивме не се подарок туку последен кредит на доверба.
-Како ќе го искористиме, зависи исклучиво од нас, заклучува директорката на ЈНУ „Хидробиолошки завод – Охрид“.
Одлуката за Охрид и Охридскиот регион е донесена на денешната седница на 48. сесија што се одржува во Бусан, Јужна Кореја, а „за“ гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство. УНЕСКО го одложи впишувањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност врз основа на потпишаното писмо со обврски и приоритети што ги презеде Владата и Општините.
Македонската делегација во Бусан ја водеше амбасадорот во Париз Игор Николов со неколку државни службеници од неколку министерства.
Во Нацрт-одлука на Комитетот се предлагаше „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“ затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, главните ризици не се отстранети.
Н.П.