Струмичанката Љупка Вртева, која живее и работи во Словенија, е избрана меѓу 12-те инженерки во светот кои треба да ги познавате во 2026 година, во рамките на престижниот меѓународен избор „Women Engineers You Should Know – 2026“, организиран од Society of Women Engineers (SWE) – најголемата светска организација за поддршка и поврзување на жените во инженерството.

Вртева, која во Словенија го понесе признанието „Инженерка на годината 2023“, со ова влегува во светската елита на инженерството, а нејзината работа и придонес се препознаени и на глобално ниво.

Во образложението за изборот, SWE посебно го истакнува нејзиниот придонес во областа на енергетската ефикасност. Како овластена и развојна инженерка, таа учествувала во оптимизацијата на потрошувачката на топлинска и електрична енергија во 73 јавни објекти низ Словенија, при што се постигнати околу 10 GWh годишна заштеда на енергија и намалување на емисиите на јаглерод диоксид за речиси 4000 тони годишно.

Нејзиниот професионален ангажман опфаќа и развој на вентилациски систем наменет за подобрување на квалитетот на воздухот и енергетската ефикасност во училиштата, а нејзината работа претставува пример за успешно спојување на техничката експертиза и општествената одговорност.

Ова меѓународно признание претставува уште една потврда за исклучителната професионална кариера на Вртева, која потекнува од Струмица. Во декември 2024 година таа ја доби и Годишната награда на Општина Струмица „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, како признание за нејзините достигнувања и афирмацијата на Струмица и Македонија во меѓународни рамки.

Со изборот меѓу 12-те најистакнати инженерки во светот за 2026 година, Љупка Вртева уште еднаш потврдува дека знаењето, посветеноста и иновативноста не познаваат граници, претставувајќи инспирација за младите генерации и гордост за Струмица и Македонија.

The post Светско признание за струмичанката Љупка Вртева – вброена меѓу 12-те највлијателни инженерки во светот appeared first on Radio StrumicaNet.