Воведувањето на дигиталната лична карта и возачка дозвола во Македонија, како и на новите дигитални услуги, предизвикаа големи реакции и во јавноста, а со свој став излезе и свештеникот Стеван Здравески од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА, кој преку објави на Фејсбук, ги повика верниците да не ги прифаќаат дигиталните лични документи, чие воведување го најави министерот Стефан Андоновски.

Свештеникот ја поврза дигитализацијата со сатаната, предупредувајќи ги верниците дека со прифаќањето на електронските документи влегуваат во „дигиталниот логор на сатаната“.

Тој во една од објавите дури го нарекува министерот Андоновски „антихрист“ и ги одвраќа верниците од дигиталниот идентитет, кој според него претставува влегување во „дигиталниот логор на сатаната“.

Според неговото толкување, зад дигиталните документи се крие опасност што ја поврзува со библиското пророштво за антихристот и бројот 666.

Министерството за дигитална трансформација ја претстави апликацијата за електронски документи преку која граѓаните ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола на мобилен телефон. Според најавите, употребата е доброволна, а физичките документи продолжуваат да важат.