
При вчерашното силно невреме, кога низ Скопје паѓаа дрвја и летаа делови од покривни конструкции, возач на автобус на ЈСП со својата професионалност се погрижил патниците безбедно да стигнат до своите домови. За неговата постапка сведочи скопјанката Далиборка која се превезувала со автобусот на линијата 65 кон Раштак.
Невремето ги затекнало кај Бит-пазар, каде парчиња од околните објекти удирале во автобусот, а дрвја паѓале во непосредна близина.
„Јас се зезав со ЈСП, ама во маката навистина се познаваат јунаците! На Битпазар нè зафати страшно невреме – летаа парчиња од зградата директно во автобусот (65 за Раштак), дрва паѓаа на сите страни… Но, шоферот остана смирен и прибран! Не само што не однесе на сигурно во гаражата во Автокоманда, туку почека да помине најлошото и потоа нè однесе сите безбедно до дома – не нè истовари на немилост на временските непогоди.
Огромно БРАВО и длабока почит за овој ЧОВЕК! Светот има потреба од повеќе вакви професионалци и луѓе со срце. Бaраме повеќе вакви херои“, стои во виралната објава на социјалните мрежи.