
Адвоатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот директор на „Државна Лотарија“, Перпарим Бајрами, по денешното рочиште за злоупотребите во случајот рече дека сведокот на Обвинителството, Андреј Крстевски, советник во кабинетот на сегашниот директор на „Државна Лотарија“, а претходно член на Надзорниот и Управниот одбор на претпријатието, всушност потврдил дека имало финансиски план за набавка на ВЛТ-апаратите.
-Видовте од сведочењето на сведокот дека овие ВЛТ-апарати се предвидени во финансов план, предвидени во план за јавна набавка, набавени, започната постапка за нивна имплементација. Не знаеше дали по таквиот чин стигнале, изјави Миланов.
Тој рече дека од материјалните докази кои ги има во судот, такви решенија има над триесетина.
-И она што го потврди е дека и овие ВЛТ апарати се наоѓаат во владение на Лотарија на Македонија и дека со нив располагаат. Тие се материјални средства и имот на Лотарија на Македонија. Ако се имот на Лотарија на Македонија, компанијата може да ги пушти во оптег со нивна употреба, затоа што и Законот за игри на среќа е изменет, кажа Миланов.
Тој додаде дека „Државна лотарија“ е единствената која дава лиценци и има право да организира игри на среќа или да издаде лиценца на трето лице.
– Не постои никаква правна пречка овие апарати да бидат пуштени во употреба, да бидат отстапени или продадени на правни субјекти кои имаат лиценци за приредување на игри на среќа. Со тоа не може да зборуваме за постоење на штета. Она што ќе го чуете од сведочењето на вештите лица е дека вредноста на овие ВЛТ-апарати за нешто повеќе од една година, колку што стојат во магацинот на Лотарија, е за 40 до 50% поголема од она што е набавено, рече адвокатот.
Е.Б.