Сведоците на одбраната на апелационе судија Ѓоко Ристов, вештите лица кои требаше да дадат докази за 350.000 евра што беа најдени заѕидани во куќата на родителите на обвинетиот во Неготино, не дојдоа на денешното рочиште. Одбраната на судијата се извини дека едниот сведок бил болен, а другиот се уште не го завршил вештачењето. Одбраната се откажа од повикувањето на Љупчо Пецов-Ѓаволот за сведок, од кого сега осудениот народен правобранител Фехми Стафа зел мито за судијата Ристов. Осудениот гинеколог Маријан Стојовски, кој исто така беше пријавен за сведок, одбраната се откажал од негово повикување.

Судијката реагираше дека судењето не може да пропадне и предложи да сведочи Ристов, но адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е бранител на судијата, приговори дека не е до него што се разболел едниот вештак и другиот што не го спремил вештачењето.

Судијката ја задолжи одбраната до следното рочиште да го спреми економското вештачење и да го достави до одбраната, за да не се одолговлекува судскиот процес.

– Не ми е јасно уште на првите рочишта беше присутен техничкиот советник, сега кога треба да дојде, го нема. Имавте доволно време да ги спремите вештачењето и на следното да биде готово и да се достави до Обвинителството, за да може да се произнесе и вкрстено да го испраша сведокот, рече судијката Билјана Коцевска.

Одбраната на денешното рочиште изведуваше материјални докази.

Е.Б.