
Европскиот суд на правдата донесе пресуда која би можела да има значајно влијание врз работењето на банките во Европската Унија. Судот порача дека американските санкции, сами по себе, не можат да бидат доволна причина за една банка да му одбие на клиентот пристап до основните банкарски услуги.
Случајот се однесува на словенечката банка „Нова Кредитна Банка Марибор“ (Nova Kreditna Banka Maribor), која денес е дел од „ОТП групацијата“ (OTP Group), а која во 2022 година одбила да му отвори основна банкарска сметка на клиент означен со иницијалите ЛХ. Клиентот не бил под санкции на Европската Унија, на Обединетите нации или на Словенија, ниту пак против него постоела пресуда за кривично дело. Банката ја засновала својата одлука на фактот што неговото име се наоѓало на листата на американскиот ОФАК (OFAC) – институцијата која ги спроведува санкциите на САД.
Судот на Европската Унија оцени дека таквата околност може да биде дел од проценката на ризикот, но не и единствена основа за одбивање на клиентот. Според оваа одлука, банките мора поединечно да го проценуваат секој случај и не можат автоматски да ги применуваат санкциските листи на трети држави како тие да се дел од правниот поредок на ЕУ.
Оваа пракса подразбира одбивање на клиенти или на цели сектори, но не поради докажани незаконски активности, туку поради желбата на банките да избегнат потенцијални проблеми со странски регулатори.
Пресудата е важна бидејќи во последните години, поради страв од регулаторни казни, банките често применуваат многу претпазлив пристап и ги избегнуваат клиентите кои би можеле да претставуваат репутациски или регулаторен ризик.
Јасна граница меѓу претпазливоста и автоматското исклучување
Одлуката на Судот на ЕУ поставува јасна граница меѓу оправданата регулаторна претпазливост и автоматското исклучување на клиентите од финансискиот систем. Таа истовремено ја потврдува и пошироката порака од Брисел дека американските санкции не се автоматски обврзувачки во Европската Унија, доколку истите не се усвоени од институциите на ЕУ, Обединетите нации или од националните власти.
За граѓаните и претприемачите оваа пресуда значи поголема правна сигурност. Лицата кои не се под европски или меѓународно признаени санкции не би смееле автоматски да останат без основни банкарски услуги само затоа што се наоѓаат на листата на некоја странска држава.
Банките и понатаму ќе можат да ги користат ОФАК и сличните листи како важен елемент за проценка на ризикот, но ќе мора да покажат дека нивните одлуки се засновани на пошироко согледување на конкретниот случај.
Поради тоа, оваа пресуда претставува важен преседан за европскиот финансиски сектор. На банките им носи дополнителна одговорност при проценката на клиентите, додека на граѓаните и на компаниите им обезбедува посилна заштита на правото за пристап до основните финансиски услуги во рамките на Европската Унија.