Македонскиот репрезентативец и организатор на играта на националниот одбојкарски тим, струмичанецот Ѓорѓи Ѓоргиев, е нов член на српскиот одбојкарски шампион „Црвена Звезда“.
Белградскиот клуб официјално го потврди ангажманот на искусниот техничар, посакувајќи му добредојде и претставувајќи го како едно од засилувањата за претстојната сезона.
За Ѓоргиев ова ќе биде прв настап во српското првенство, откако во досегашната интернационална кариера настапуваше за клубови во Бугарија, Турција, Полска и Франција. Минатата сезона македонскиот репрезентативец го носеше дресот на францускиот клуб „Алтерна“.
По комплетирањето на клупскиот ангажман, Ѓоргиев ќе може целосно да се посвети на обврските со македонската репрезентација. Националниот тим викендов ќе настапи на вториот турнир од Европската лига 2026, додека во септември Македонија ја очекува настап на Европското првенство, кое ќе се одржи во Софија.
The post Струмичанецот Ѓорѓи Ѓоргиев кариерата ја продолжува во „Црвена Звезда“ appeared first on Radio StrumicaNet.