Струмичани утрово се разбудија со силен мирис на чад, а над градот и поголем дел од Струмичкиот регион се забележува димна покривка. Чадот доаѓа од депонијата кај селото Добрашинци, која гори веќе трет ден.
Иако пожарникарите вчера информираа дека пожарот е локализиран, на депонијата сè уште има делови што тлеат и испуштаат чад, кој со воздушните струења се шири низ регионот. Пожарникарите-спасители од ТППЕ Струмица и денеска непрекинато дејствуваат на терен и вложуваат максимални напори за целосно ликвидирање на пожарот.
На влошената состојба со воздухот укажуваат и најновите податоци од државната мониторинг-станица во Струмица. Според мерењето на Министерството за животна средина и просторно планирање, во 8:00 часот концентрацијата на ПМ10 честички достигнала 125 микрограми на кубен метар. Станува збор за часовна вредност која е два и пол пати повисока од дневната гранична вредност од 50 микрограми на кубен метар. Тоа не значи дека дневниот просек изнесува 125 микрограми, но покажува нагло влошување на квалитетот на воздухот во утринските часови.
Од ТППЕ Струмица предупредуваат дека пожарите на депонии создаваат густ чад и опасни гасови кои можат негативно да влијаат врз здравјето, особено кај децата, повозрасните лица и лицата со хронични заболувања.
Пожарникарите апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на депонијата и во зоните зафатени со чад. Доколку почувствуваат силен мирис на чад, да ги затворат прозорците и вратите и, ако е можно, да останат во затворени простории.
Од ТППЕ Струмица упатуваат апел да не се палат стрништа, сува трева или отпад, бидејќи и најмалата несовесност може да предизвика нов пожар. Граѓаните, исто така, не треба да фрлаат отпушоци и запалив отпад во природата, а секој забележан пожар веднаш да го пријават на телефонскиот број 112.
Пожарникарите апелираат за трпение, разбирање и одговорно однесување додека траат активностите за целосно ликвидирање на пожарот. /Р.Ѓ./

The post СТРУМИЦА УТРОВО ВО ЧАД: ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ ДОСТИГНАА 125 МИКРОГРАМИ appeared first on Radio StrumicaNet.