Со положување свежо цвеќе и оддавање почит пред спомен-обележјето, денеска во Струмица беше одбележана 14-годишнината од големиот пожар над градот, во кој животите ги загубија четворица храбри граѓани.

На 23 јули 2012 година, пожарот што избувна над Струмица се прошири на поголем дел од ридот. Во обидите за справување со огнената стихија трагично загинаа браќата Блажо Стојков и Пено Стојанов од селото Рич, Мите Ѓоргиев од Струмица и Војо Гркљанов од Вељуса, а 11 лица беа повредени.

Човечкиот фактор беше посочен како причина за големиот шумски пожар, кој остави длабока трага во колективната меморија на Струмица и нејзините жители.

Во своето обраќање, градоначалникот на Струмица, Петар Јанков истакна дека постојат датуми што остануваат дел од длабоката колективна меморија на еден град, а 23 јули е токму еден од нив.

„Времето создава дистанца од настаните, но не и од нивното значење. Времето не може да го избрише споменот за искреното херојство и жртва. Затоа денес оддаваме почит на луѓето чии животи останаа трајно поврзани со историјата на нашата Струмица“, кажа Јанков.

Тој нагласи дека непогодите стануваат сè почести и понепредвидливи, поради што е неопходно поголемо вложување во превенцијата, подготвеноста и координацијата, но и поголема лична одговорност од секој граѓанин.

„Нашата должност е да го чуваме споменот на оние што ги загубивме, но и да извлечеме поука од нивната жртва – да се погрижиме за другите. Тоа е најискрениот начин да им оддадеме почит“, порача градоначалникот.

Во име на Општина Струмица, Јанков изрази искрено сочувство до семејствата на загинатите и благодарност за храброста што четворицата сограѓани ја покажале во еден од најтешките моменти за градот.

„Нека нивниот спомен остане траен, а нашата одговорност кон иднината уште поголема. Вечна им слава! Бог да ги прости!“, кажа Јанков.

Денешното одбележување се одржа пред спомен-обележјето што Општина Струмица го подигна во чест на четворицата сограѓани кои ги загубија животите во борбата со пожарот.

Покрај членовите на семејствата Стојкови, Стојанови, Ѓоргиеви и Гркљанови, свежо цвеќе положија градоначалникот Петар Јанков со членови на Советот на општина Струмица, претставници на Шумското стопанство „Беласица“, како и делегации на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ. /Р.Ѓ./

ФОТОГАЛЕРИЈА

The post Струмица не ги заборава хероите: 14 години од трагичниот пожар над градот appeared first on Radio StrumicaNet.