Струмица на 17 јуни (среда) ќе биде домаќин на централната манифестација по повод 36 години од основањето на ВМРО-ДПМНЕ. Одбележувањето ќе се одржи на Градскиот стадион „Благој Истатов“ со почеток во 19:00 часот, а на настанот свое обраќање ќе има претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Информацијата беше соопштена по работниот состанок што вечерва во партиските простории го одржа новоизбраниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Методија Пасков, со членови на партијата.

Според објавата на Пасков, главна точка на дневниот ред била организацијата на централното одбележување на годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое годинава ќе се одржи токму во Струмица.

„Настанот ќе се одржи на 17 јуни, во среда, со почеток во 19:00 часот на Градскиот стадион „Младост“. За секоја следна задача обединети и посветени – продолжуваме силно напред“, наведе Пасков во својата објава.

Тој им се заблагодари на членовите и симпатизерите за големата посетеност на состанокот, а изрази благодарност и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за укажаната доверба и, како што наведува, неговото одговорно и посветено лидерство.

ВМРО-ДПМНЕ е основана на 17 јуни 1990 година, а годинава одбележува 36 години од своето постоење. Се очекува на централната манифестација во Струмица да присуствуваат членови и поддржувачи на партијата од повеќе градови во државата.

The post Струмица ќе биде домаќин на одбележувањето на 36 години ВМРО-ДПМНЕ, на градскиот стадион ќе се обрати лидерот Христијан Мицкоски appeared first on Radio StrumicaNet.