Предлогот на герамнскиот канцелар Фридрих Мерц  и на францускиот претседател Емануел Макрон за постепено проширување на Европската Унија, со кое на балканските земји прво ќе им се овозможи влез на заедничкиот европски пазар, а потоа да следи процесот на пристапување, според извршниот директор на „Преспа институтот“ Андреја Стојковски е модел на управувана интеграција каде политичкиот момент на вистинско пристапување се одложува.

-Од гледна точка на мојата анализа, ова е класичен пример на „сè освен името“ проширување. Да се разбереме, во документот нема откажување од членството во иднина, затоа што таму експлицитно се вели дека целта останува полноправно членство. Но, оперативно, тоа е модел на управувана интеграција каде политичкиот момент на вистинско пристапување се одложува, изјави за „Локално“ Стојковски.

Според него овој предлот не е „утешна награда“, како што дел од јавноста го доживеа, туку би го претставил ниту како вистинско членство пред членство.

-Ова е обид да се управува со една реалност: ниту ЕУ е целосно подготвена за класично брзо проширување, ниту државите-кандидати се подготвени за полноправно членство. Француско-германскиот нон-пејпер предлага постепена интеграција преку т.н. „building blocks“ што подразбираат пристап до Единствениот пазар, SEPA, бесплатен роаминг, транспорт, енергетика, дигитален пазар, безбедносна соработка и дури ЕЕА+ модел како крајна економска фаза пред членство, изјави Стојковски.

Доколку ЕУ оди со овој модел на проѓирување според него тоа може да мотивира, но и да демотивира, зависно од дизајнот.

„Ќе мотивира ако секој реформски чекор носи јасна, видлива и практична придобивка: полесна трговија, поевтини трансакции, дигитално поврзување, енергетска стабилност, пристап до програми и подобра инфраструктура. Тоа ја враќа логиката: „реформи денес – придобивки денес“, изјави Стојковски.

Тој додава дека ќе демотивира ако постепената интеграција стане замена за членство.

„Ако државите кандидати добијат обврски, усогласување и надзор, но без јасен премин кон институционална еднаквост, тогаш реформскиот импулс ќе ослабне. Клучната реченица би била: постепената интеграција е корисна само ако е мост кон членство, а не нова чекална со подобар мебел“, изјави Стојковски.

За обидот на Владата пораката на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта да ја прикаже како свој успех и дека има напредок во реформите, според Стојковски охрабрувачка дипломатска фомулација не значи дека реформската работа е завршена.

„Антонио Кошта навистина кажа дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ја поздрави посветеноста на Владата кон реформите, вклучително и напредокот поврзан со Реформската агенда и Планот за раст. Но, тоа не значи дека сите структурни проблеми се решени, уште помалку дека ние сме пример за „одличен ученик“. Имено, последните оценки околу извештајот за Македонија предупредуваат дека реформскиот напредок е недоволен, особено кај владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата. Затоа, Владата има право да ја истакне позитивната порака, но нема право да ја претвори дипломатската охрабрувачка формулација во доказ дека реформската работа е завршена. Европската интеграција не се мери со добри изјави, туку со институционални резултати“, изјави Стојковски.