Одложувањето од пет години што го доби државата за да ги спроведе препораките од УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион за да не се впише на листата на загрозено светско наседство, според Искра Стојковска од невладината „Фронт21/42“ е купување време. Таа изјави за „Локално“ дека скоро десетина години ја гледаме истата приказна, и дека сите власти буквално купуваат време за да не постапат по препораките.

-Во пракса времето што се купува се искористува за дополнително уништување, се искористува за многу нови довоградби, нови платформи и разни градби во самот езеро, за хотели, за уништување на Студенчишко блато со цел урбан комплекс, и за носење на разни документи како на пример Стратегискиот план за реставрација и рехабилитација, кои не се ништо повеќе од куп хартија, изјави Стојковска.

Според неа, спротивно на препораките на УНЕСКО, од 2017 година кога е првата оценска мисија со која се даваат јавни насоки како да се заштити светското наследство, во пракса гледаме дека се носат закони со кои се легализира криминал.

-Гледаме носење на нови урбанистички планови чија цел е да се вклопат дивоградбите. Во гласникот на Општина Охрид речиси нема седница на која не се усвојуваат нови урбанистички планови – отворено пишува со цел да се вклопи таа и таа дивоградба. Се купува времето да се уништи и тоа малку што остана недопрено. Во таа смисла мојата лична претпставка, со ова ќе се стави конечен крај и ќе нема смисла да се става на листа на светско наследство во опасност, оти нема да има вредности на сведско наследство, едноставно ќе се избрише од листата, изјави Стојковска.

Според неа, можеби тоа е и целта на политичарите кои носат одлуки да се избрише Охридскиот регион од Листата на светско наследство, затоа што тогаш нема да мора ниту да ги спроведуваат препораките.

Од препораките од досегашните мисии, објаснува таа, само Националниот Парк „Галичица““ ги тргна проектите за автопат низ националниот парк и за ски-центар.

-Освен ова нема ниту една препорака која е суштински спроведена, ниту таа од 2017 ниту таа од 2020, ниту таа од 2024 година вклучително и за алтернативните рути за коридорот. Не само што не се постапува, се креира илузија со апла лаги дека со тие документи кои се усвојуваат дека те се  грижат и постапуват  по препораки, рече Стојковска.

Искра Стојковска-Фото: Принтскрин/Јутјуб

Таа додава дека ниту на хоризонтот се надѕира намера да се постапи.

-Намерите се врзани со материјална корист на одредени структури во државата. Ниту една власт ниту на локално ниту на централно ниво не демонстрирала ни најамала намера да ги заштити вреддностите, ниту демонстрирала најосновна свест и рзбирање на тие вредности. Апсолутно не им е гајле на никој досега, изјави Стојковска.

За изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски дека дивоградбите во Охрид и Струга ќе се уриваат законски, таа смета дека се празни фрази, кои не кажуваат и не значат ништо.

-Од првиот момент кога УНЕСКО во извештај на мисија побарал, а тоа е мисијата 2017 да се урнат дивоградбите, односно итно да се изготви во рок од една година целосен инвентар на дивоградби на територијата на Општините Охрид, Струга и дел од Дебарца и да се направи оценка на влијание врз природните и културните вредности и врз основа на таа проценка да се изготви листа на приоритети што треба да се урне. Од тој момент не само што е законски неопходно да се постапи туку е уставно обврзно да се постапи, вели Стојковска.

Смета дека сегашниот министер за надворешни и сите носители на одлуки, се прават како Уставот да не постои.

-Уставот јасно вика дека секој меѓународен договор кој е ратификуван од паралментот на државата како што е конвенцијата на УНЕСКО е дел од домашниот правен поредок и не може да се измени со закон. Тоа значи дека ако некоја конвенција има одредено барање или препорака, дури и да е спротивно на некој домашен закон, ане е, меѓународното законодавство е над националното. Не само законски, уставно е обврзно да се отсранат сите довоградби кои имаат негативно влијание на вредностите уште од 2017 до денес, посочува соговорничката и појаснува дека Владата и претседателот на државата имаат обврска да ги спроведуваат меѓународните договори кои се ратификувани.

Според неа од премиер до сите надолу што треба да постапат, а не постапуваат, го кршат Уставот и дека затоа изјавата дека законски ќе ги рушат дивоградбите е празна фраза.

-Се надевам дека луѓето што стојат зад Конвенцијата ова ќе им биде повик за будење, бидејќи се покажа дека нема никаква поента таа конвенција, заклучува Стојковска.

Е.Б.