Запрашан дали пратениците можат да направат „собраниски оброк“ и колку што следува за студентите, толку да има и за пратениците, народниот избраник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски вели дека тоа е прифатливо за колегите. Смета дека темата е банализирана и порача дека директорот на СОЗР, под чија надлежност е собраниското бифе, ги зголеми цените за над 100%.

-Јас би се согласил со тоа и не верувам дека има некој мој колега кој не би се согласил со тоа. Тоа се критики кои што се веродостојни, но истите кои ги пишуваат таквите работи, особено еден НВО активист кој што го пишува тоа, кој што секој пат кога ќе дојде во Собрание, таму сум го гледал. Одговорен за собранискиот ресторан од аспект на пратениците и секој кој што најдобро го знае и кој едно време пишуваше „зошто нема јајца за појадок“ е Димитар Апасиев, па добро е кај него да се обратат. Точно е, тоа е најважно за него во Собранието, а другите кои одиме таму да работиме гледаме да пишуваме добри и реформски закони. Ние таму седиме и работиме и ги примаме сите луѓе кои што ги кажуваат своите мислења, рече Стојаноски во „Радио Лидер“.

Пратеникот додаде дека за лидерот на Левица и пратеник, „најважно било каде да го паркира точакот кој што не го вози две години, каде да ја паркира новата кола и зошто нема јајца за доручек“.

-Тоа е неговото ниво, кажа Стојаноски во гостувањето.