Правата на патниците во авиосообраќајот повторно се во фокусот на европските институции, откако во Брисел се разгледуваат измени на правилата за обештетување при доцнење и откажување на летови.Како што пренесува РТС, предложените измени не се однесуваат толку на висината на надоместоците, туку на поедноставување и забрзување на процедурите. Според актуелните правила, патниците можат да добијат обештетување од 250 до 600 евра, во зависност од должината на летот, но само ако авиокомпанијата е одговорна за доцнењето.Уредникот на порталот „Танго сикс“, Петар Војиновиќ, објаснува дека постои разлика меѓу правото на грижа и правото на паричен надоместок. Грижата подразбира обезбедување храна, пијалаци, сместување и пренасочување на следниот лет, додека паричниот надоместок следува само во одредени случаи.Тој посочува дека клучно е дали причината за доцнењето е во надлежност на авиокомпанијата. Рутински технички дефекти, недостиг на екипаж или пребукираност не ја ослободуваат компанијата од одговорност, додека невреме, штрајкови на контролата на летање или безбедносни закани се сметаат за вонредни околности.Една од најзначајните новини би можела да биде обврската авиокомпаниите самите да ги контактираат патниците и да им доставуваат линк до образецот за барање обештетување во рок од 48 часа од планираното пристигнување. Дополнително, компаниите би имале рок од 30 дена да го исплатат надоместокот или да го образложат евентуалното одбивање на барањето.Војиновиќ апелира на патниците да ги чуваат бординг-картите, потврдите за резервација и сметките за дополнителни трошоци, како и да не прифаќаат избрзани спогодби или ваучери без претходно да ги проверат своите права.