Ако до вчера Венко Филипче тврдеше дека уставните измени и ставањето на Бугари во Устав се единствениот реален пат за продолжување на европските интеграции, денес токму таа тема е целосно отсутна од двата програмски документи што ќе се најдат пред делегатите на Конгресот на СДСМ. Под слоганот „Твоја држава, твоја шанса“ има ветувања за ветинг, нови институции, повисоки плати, даночни реформи, родова еднаквост и медиумски регулации, но нема ниту збор за внесувањето на Бугарите во Уставот, прашање кое Филипче со месеци го претставуваше како врвен државен приоритет.
Оттука неизбежно се наметнува прашањето: дали лидерот на СДСМ конечно го послуша Стево Пендаровски, кој во повеќе јавни настапи предупредуваше дека политичарите мора да ја следат реалната волја на граѓаните и дека не може бесконечно да се туркаат политики за кои нема поширока поддршка? Или, пак, станува збор за предизборна пресметка според која темата за уставните измени носи повеќе политичка штета отколку корист?
Според информациите што протекоа пред Конгресот, делегатите ќе дебатираат за две различни програмски верзии, од кои на крајот треба да произлезе еден финален документ. Иако во едната верзија се нагласува забрзаното членство во Европската Унија, а во другата заштитата на македонскиот јазик како „црвена линија“, во ниту една нема конкретно споменување на уставните измени.
Во двата документа често се користи терминот „радикална“ кога станува збор за правда, транспарентност и еднаквост, што остава впечаток дека СДСМ се обидува да создаде слика за решителен пресврт и дистанцирање од политиките поради кои ја загуби довербата кај дел од гласачите.
Во програмите е вклучена и идејата за ветинг на функционерите од 1991 година до денес, како и ветинг на судиите. Засега не е јасно дали станува збор за концепт сличен на најавуваниот реизбор на судии што СДСМ го ветуваше пред изборите во 2016 година, но никогаш не го реализираше.
Една од верзиите предвидува формирање посебна агенција за борба против криминалот и корупцијата кај функционерите, решение кое неизбежно потсетува на поранешното Специјално јавно обвинителство. Во другата верзија оваа идеја ја нема, но затоа во двата документа е предвидено формирање таканаречено еколошко СЈО.
Значителен простор е посветен на прашањата за еднаквост и човекови права. Во двете програми се најавува итно носење на Законот за родова еднаквост, усогласување на законската регулатива за матична евиденција со европските стандарди и воведување механизми против, како што е наведено, антиродова пропаганда.
Во економскиот дел се ветува минимална плата, но без прецизирање на конкретен износ. Во едниот документ минималната плата е поврзана со потрошувачката кошничка и инфлацијата, додека во другиот само се гарантира нејзино постоење. Интересно е што една од програмите повторно отвора можност за воведување прогресивен данок, иако токму СДСМ беше партијата што го воведе, а потоа и го укина. Во другата варијанта наместо тоа се предлага данок на луксуз.
Во програмските определби е вклучена и модифицирана верзија на проектот за млади брачни парови, по моделот на некогашната мерка „Купи куќа, купи стан“. Се ветуваат субвенции за млади претприемачи, повисоки плати и пензии, како и грант од 10.000 евра за иселеници кои би се вратиле во Македонија за живот или за отворање сопствен бизнис. Оваа мерка е наречена „Кеш за враќање дома“ и се појавува само во една од двете програмски верзии.
Во енергетиката СДСМ ветува дека „Македонија ќе биде газда на струјата“, а истовремено најавува крај на партиските влијанија во енергетскиот сектор и професионално управување со компаниите.
Не се заборавени ниту медиумите. Во едниот документ се предлага воспоставување државен систем за мониторинг и реакција против лажни вести, додека во другиот се предвидува регистар на онлајн портали и високи казни за свесно ширење дезинформации.
Во двата документи се најавуваат инвестиции во здравството, образованието, земјоделството, сточарството, дигитализацијата, е-услугите, безбедноста и евроатлантските интеграции.
На делегатите им било посочено на Конгресот да дојдат со писмени забелешки и предлози за двата документа. Дел од нив очекуваат нивните сугестии навистина да бидат вградени во финалната програма, а не само формално евидентирани.
Но, без оглед на конечната верзија што ќе произлезе од Конгресот, едно прашање останува без одговор. Ако уставните измени навистина биле најважниот предуслов за европската иднина на Македонија, како што тврдеше Филипче, тогаш зошто токму тие се единствената тема што целосно исчезна од програмските документи на СДСМ? Дали партијата конечно ја признава политичката реалност на која со месеци предупредуваа и дел од нејзините поранешни функционери, меѓу кои и Пендаровски, или станува збор за уште еден предизборен обид непопуларните теми да се скријат од очите на јавноста?The post ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО СДСМ? ТЕМАТА ШТО ФИЛИПЧЕ ЈА БРАНЕШЕ – ИСЧЕЗНА! appeared first on Politika.