Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од разговорите што ги имаше со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Тиват, Црна Гора.

Според Мицкоски, на средбите биле отворени повеќе важни теми поврзани со евроинтегративниот процес на Македонија, вклучително и прашањето за уставните измени. Тој истакна дека македонската Влада останува на своите позиции и дека во разговорите добила разбирање од дел од земјите-членки на Европската Унија.

„Имавме исклучително конструктивни разговори и со канцеларот Мерц и со претседателот Макрон, како и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Прашањето за уставните измени беше дел од дискусиите, но нашиот став останува непроменет. Веруваме дека Македонија заслужува фер третман на европскиот пат и зачувување на националното достоинство“, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека процесот на проширување на Европската Унија останува активен и дека Македонија треба да продолжи со реформите, без притоа да прави отстапки кои би биле на штета на националните интереси.

Тој посочи дека Владата ќе остане фокусирана на спроведување на реформската агенда и исполнување на европските стандарди, со цел земјата да го задржи статусот на еден од најактивните кандидати во регионот.

Во рамки на Самитот, германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека и Европската Унија има одредена одговорност за застојот во процесот на проширување. Тој потсети дека повеќе од една деценија не е примена нова членка во Унијата и оцени дека е потребно надминување на постојните пречки.

Интересна порака испрати и албанскиот премиер Еди Рама, кој на прашањето кога Албанија би можела да стане членка на ЕУ, низ шега одговори дека тоа е тешко да се предвиди, исто како и некои други работи во животот.

На Самитот во Тиват присуствуваа лидери од земјите-членки на Европската Унија, како и претставници на Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со фокус на иднината на европското проширување и регионалната соработка.

The post ШТО СЕ КРИЕ ЗАД НАСМЕВКИТЕ НА МАКРОН, МЕРЦ И МИЦКОСКИ? appeared first on Politika.