Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски на втори јули треба да се јави во затвор Скопје за издржување на затворска казна, соопштија од кривичниот суд Скопје. Во издржување на затворската казна му се пресметува и времето поминато во притвор, и бидејќи беше во куќен притвор пет месеци, тој треба да одлежи 7 месеци.

-Судија за извршување на санкции од кривичен суд Скопје на осудениот С.Ј. му издаде упатен акт за издржување на едногодишна казна затвор и истиот е упатен да се јави во затвор Скопје на втори јули, соопштија од Кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд во понеделникот постапувајќи по жалба и на обвинтите и на јавниот обвинител ја потврди пресудата против Јакимовски, за кривичното дело „Бесправно градење“, за кое му е утврдена казна затвор во траење од една година, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година.

За кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување жалбата на обвинетиот е уважена и предметот, само во тој дел се враќа на повторно судење.

За кривично дело, кое е сторено во период од 2011 година до 2017 – та година, предвидената казна е од три до пет години, па согласно одредбите за застарување истото би застарело во 2027 – ма година.

Јакимовски, откако судот соопшти дека му е потврдена затворската казна, изјави дека е осуден политички, а не затоа што направил кривично дело или ја злоупотребил службената положба.

-Осуден сум затоа што власта, овој диктаторски режим си постави во Карпош тотално неспособен градоначалник кој четири месеци буквално блешее низ прозорецот на својот кабинет, пушејќи во него и потоа земајќи боледување, коешто е лажно и оттогаш наваму му се губи трагот. Поводот е поставувањето на овие две бараки за кои недостасува само едно ливче, а тоа е дека имаме дозвола за поставување на времен објект, изјави Јакимовски.

Јакимовски кому му се судеше повеќе од шест години, лани во април беше прогласен за виновен за две кривични дела. За бесправно градење на општинската зграда, му беше досудена затворска казна од една година, а за делото злоупотреба на службената должност треба да лежи затвор три години. Судот за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор, соопштија тогаш од судот.

Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Македонија.