Мицкоски вчера ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и најави бесплатна линија, амане мора да се замара, линијата за пријава кај нас е веќе отворена – шест месеци стои на веб-адресата „Micko.mk“, нагласи Кети Штерјова од СДСМ, на денешната прес-конференција. Штерјова посочи дека оваа кампања на Мицкоски е копија на кампањата што во Србија ја води тамошиот претседател Александар Вучиќ.

„Ова е директна копија на кампањата што токму сега се води во Србија.Во Србија половина од граѓаните на порталот за пријава го пријавија токму Вучиќ. Мицкоски не мора да се замара. Линијата за пријава кај нас е веќе отворена – веќе шест месеци стои на веб-адресата Micko.mk. Да го известиме дека и него веќе го пријави половина Македонија“, кажа Штерјова.

На прес-конференцијата, Штерјова укажа дека суштинскиот проблем е што институциите, судтсвото е ставено под политичка контрола на Мицкоски, затоа и државата добива лоши извештаи од Европската Комисија во делот на судтво.

„Единствен проблем е што, исто како Вучиќ во Србија, Мицкоски го приватизираше Обвинителството. На Обвинителот му се јавува на телефон, му се даваат задачи од собраниската говорница или преку медиумите. Затоа се катастрофални извештаите на Европската комисија за судството, каде се констатира, мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки“, рече Штерјова.

Воедно, предупреди дека, дека покрај копирањето на политичките методи, се пресликува и моделот на медиумско влијание по истио рецепт како во Србија.

„Групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите провладини медиуми од Србија, пристигнува во Скопје. По веќе воспоставената медиумска мрежа на над 40 % од Орбановите медиуми, сега следува уште поголема концентрација на медиумско влијание“, истакна Штерјова.