
„Денеска успешно ги затворивме сите отворени прашања со унгарски МОЛ и постигнавме компромис кога станува збор за договорот на акционерите меѓу Република Србија и МОЛ“, соопшти министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Министерката наведе дека меѓу Србија и МОЛ е договорено, меѓу другото, следново:
Доколку Гаспромњефт направи договор со МОЛ за продажба на 56,15 отсто од уделот во НИС, а американскиот ОФАК ја одобри трансакцијата, државата Србија ќе купи дополнителни пет отсто од акциите во НИС, што на државата ќе ѝ даде дополнителни права кога станува збор за носењето или блокирањето на важни одлуки за нашата земја.
Што се однесува до работата на Рафинеријата во Панчево, унгарската страна се обврза дека Рафинеријата ќе продолжи да работи како и досега, со најмалку исти просечни годишни капацитети како во последните четири години пред воведувањето на американските санкции, кога НИС работеше одлично. Токму ваквата работа на Рафинеријата, неопходна за да се задоволи српскиот пазар на нафтени деривати, беше едно од клучните прашања за српската страна и горда сум што успеавме да направиме многу важен и корисен договор за граѓаните на Србија.
Членовите на српската страна во Одборот на директори на НИС генерално ќе имаат поголеми овластувања од досега во носењето, но и во блокирањето на евентуално неповолни одлуки за Република Србија. Вакво влијание државата Србија немала од 2008 година, кога НИС беше приватизиран.
„Продолжуваме посветено да работиме на пронаоѓање долгорочно решение за НИС по воведувањето на американските санкции, за кои државата Србија, нејзината Влада или нејзините граѓани не се воопшто виновни“, наведе министерката на својот инстаграм-профил, пренесува Биф.рс.