
Украина изминатите недели оствари ограничен напредок на патот кон членството во Европската Унија. Отвори два од шесте преговарачки кластери, но плановите за забрзување на целиот процес наидуваат на отпор. Сега пристапните преговори на Киев би можела дополнително да ги закомпликува Србија, пишува „Еуроњуз“.
Напредокот на Украина и Молдавија во отворањето нови кластери стана можен дури по изборниот пораз на Виктор Орбан во април. Новиот унгарски премиер Петер Маѓар почна да ги решава билатералните прашања со Киев околу третманот на унгарското малцинство во Закарпатија и даде согласност за отворање на кластерите што се однесуваат на владеењето на правото и надворешната политика.
Будимпешта, меѓутоа, се противи на притисокот одеднаш да се отворат сите шест кластери. Унгарската влада претпочита постепен пристап за домашната јавност полесно да ја прифати таквата одлука по повеќегодишната антиукраинска пропаганда на Орбан.
Напредокот на Киев кон членството е сè повеќе под влијание на државите членки кои бараат чекори напред во процесот на проширување кон Западен Балкан, со посебен акцент на Србија.
„Постои тенка линија меѓу начелото сите кандидати да се третираат еднакво и практиката напредокот на еден географски регион да се условува со напредокот на друг“, изјави за „Еуроњуз“ еден дипломат на ЕУ кој сакаше да остане анонимен.
Европската комисија претходно овој месец повторно предложи отворање на Кластерот 3 со Србија, кој е блокиран од декември 2021 година. На предлогот повторно му се спротивставија осум држави членки. Тие сметаат дека Србија не ги исполнува стандардите на ЕУ во областа на владеењето на правото, а ѝ замеруваат и за речиси никаквото усогласување со санкциите против Русија, како и за нејасниот однос со Москва.
Од друга страна, Комисијата, врз која притисок вршат Франција, Шпанија и групата „Пријатели на Западен Балкан“, тврди дека Србија остварила доволен напредок во реформите за да продолжат преговорите. Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Грција, Словачка, Австрија, Чешка, Хрватска и Словенија.
Притисок врз српската влада создава и напредокот на Црна Гора и Албанија, кои се сметаат за следни кандидати за членство. Владата во Белград мора да им објасни на граѓаните зошто нивните преговори стагнираат. Србија воедно се смета за највлијателна земја во регионот поради најголемиот број жители и најсилната економија.
Мнозинството членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, со исклучок на Хрватска, сметаат дека поради геополитички причини кон Србија се применуваат двојни стандарди во споредба со Украина.
„Постои бојазан дека ‘Пријателите на Западен Балкан’ би можеле да го условат пристапниот процес на Украина и Молдавија со отворање на Кластерот 3 за Србија“, рече друг дипломат. „Напредокот на еден фронт поттикнува барања за напредок и на друг.“
Државите членки главно се согласуваат дека процесот на проширување е најефикасен кога се заснова врз технички критериуми, а не врз политика. Свесни се дека секое поврзување на различни пристапни процеси дополнително ја компликува ситуацијата.
Владата на Орбан и претходно се обидуваше да ги поврзе Србија и Украина, но тогаш прашањето за украинското членство беше идеолошки преоптоварено за таков вид политичка трговија. Сега, кога Будимпешта го менува ставот, таа идеа би можела повторно да се актуелизира.
„Комисијата порачува дека треба да се почитува географската рамнотежа, но Србија не ни помага со своите домашни реформи“, рече трет дипломат за „Еуроњуз“. Тој додава дека и понатаму се надеваат на отворање на Кластерот 3 наесен.
Досега не дојде до официјално поврзување на овие процеси. Сепак, како што расте притисокот до крајот на годината на Украина и Молдавија да им се отворат сите преговарачки кластери, веројатно и барањата за еднаков третман и географска рамнотежа ќе станат сè поизразени.