Во одлуката од 2 јуни се наведува дека и понатаму постои „реален ризик“ Тачи, доколку биде пуштен на слобода, да го попречи текот на постапката пред Специјализираните совети, како и да изврши нови кривични дела.

Судот оцени дека поблагите мерки од притвор не би биле доволни за да се намалат тие ризици.

Како една од причините е наведена можноста Тачи, доколку биде на слобода, да користи други лица или туѓи комуникациски уреди, поради што не би било можно ефикасно да се надгледуваат неговите контакти.

Против Тачи пред Специјализираните совети се водат две одвоени постапки.

Првата е основниот предмет, во кој нему и на другите поранешни лидери на ОВК им се суди по обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Втората е предметот за попречување на правдата, кој е покренат поради обвинувањата дека Тачи и останатите обвинети се обиделе да влијаат врз постапката и врз сведоците во тој основен предмет.

Најновата одлука за продолжување на притворот е донесена токму во предметот за попречување на правдата. Судот, меѓутоа, при проценката на ризикот ги зеде предвид и сведоците од основната постапка, вклучувајќи ги и заштитените сведоци, оценувајќи дека и понатаму постои ризик од влијание врз нив.

Во одлуката се наведува и дека предметот за попречување на правдата се движи кон завршната фаза, како и дека страните би требало да бидат подготвени да ги достават завршните поднесоци до 19 јуни.

Основното судење е завршено и се очекува првостепената пресуда да биде соопштена пред 20 јули.