„Нова седница и нов изум на владејачкото мнозинство во Град Скопје. Како да се уништи демократијата, како да се уништи дебатата овде во Советот на Град Скопје. Порано поставувавме прашања, а сега градоначалникот држи монолог, одговара на прашања, а ние немаме право и можност да реплицираме и да укажеме за што всушност станува збор. И новинарите кои се овде се зачудени од овој нов изум на мнозинството во Град Скопје.
Она на што не сакаше да одговори Орце Ѓорѓиевски е од каде го најде Марјан Цветковски за нов директор на Фондацијата „Скопје – Град на културата“. Се работи за вечниот директор во Македонската радио-телевизија, кој 15 години беше директор и за кого имаше многу забелешки во работењето“, изјавија денеска од советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Координаторката на советничката група, Катерина Цаневска порача дека градоначалникот не сакаше да одговори ниту за непотизмот во Пожарникарската бригада.

-Потоа не сакаше да одговори за состојбите во Лајка. Зошто ретерираше од ставот за дивиот пешачки премин во Чаир? Исто така, не одговори конкретно ниту за понудената рака од СДСМ да му дадеме комплетна документација за да може Градот да конкурира за набавка на автобуси.

Најверојатно не сака да одговори, бидејќи тука нема да може да има простор за трошење и злоупотреба на пари. Тоа беше и деловничко кршење во работата на Советот. И уште една работа – седницата повторно започнува со кршење на Деловникот. Наместо законските седум дена, материјалите за значајни точки, како што е ребалансот на Буџетот, ги добивме со задоцнување, кажа Цаневска.