
СДСМ и Левица бараат итен политички ресет во Општина Карпош откако градоначалникот Сотир Лукровски веќе цел месец е на боледување и не се знае дали ќе се врати на функцијата. Се дотогаш со скопската општина ќе раководи Неделчко Крстевски кој е в.д. градоначалник и кој доаѓа од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Дека не се знае што се случува во раководните структури на Карпош беше евидентно откако вчера премиерот Христијан Мицкоски го нарече Крстевски, „градоначалник“, за време на изјава по повод отворањето на новиот детски базен во општината.
Дел од советниците едногласни – треба промена во локалната власт во оваа скопска општина. Советникот од Левица, Дарко Ристовски порачува дека уште од именувањето на новиот градоначалник во ноември минатата година, па сè до денес, кај граѓаните на Карпош постои јасен впечаток дека општината практично нема градоначалник, ниту човек кој вистински стои зад кормилото на една од најголемите и најразвиените општини во Македонија.
Ристовски во изјава за „Локално“ истакнува дека целиот процес на пренесување на ингеренциите беше спроведен крајно нетранспарентно и несериознo, сведен на еден лист хартија во А4 формат, со кој градоначалникот Лукровски, кој очигледно бил незадоволен од новата позиција и имал сериозни потешкотии да се снајде во функцијата што ја презеде, овластува лице од Советот да ја води општината во негово отсуство.
-Јавна тајна е дека ВМРО-ДПМНЕ потроши огромни ресурси и политичка енергија за конечно да освои власт во Карпош, но резултатот од тој политички инженеринг е хаос, неизвесност и целосна парализа на општинските служби. бидејќи реално оваа партија никогаш претходно немала победено во општината со свој кандидат за градоначалник. Тоа директно се одразува врз функционирањето — или подобро кажано нефункционирањето — на општината и нејзините служби, кои наместо лидерство, насока и одговорност, добиваат неизвесност, хаос и целосна безидејност, истакнува советникот.

Фото: Фејсбук/Дарко Ристовски
Ристовски додава дека на вчерашното помпезно најавено „отворање“ на новиот „затворен“ детски базен во општината, граѓаните повторно гледаа политичка парада на актуелната власт предводена од премиерот, со единствена цел, како што вели смета советникот, собирање евтини политички поени и минимизирање на штетата што настана по повлекувањето на актуелниот градоначалник.
-На Карпош му е потребен итен политички ресет, бидејќи граѓаните не гласаа за управување во сенка. Време е за суштинска промена на раководството и луѓе кои имаат капацитет и конзистентност вистински да ја водат општината, ставајќи крај на овие политички паради кои ги гледаме секојдневно, дециден е Ристовски.
Тој очекува Лукровски јавно да се обрати пред граѓаните, да ги образложи причините за своето отсуство и јасно да каже дали е способен да ја извршува функцијата за која доби мандат.
-Доколку не може да ја извршува функцијата, единствен чесен и одговорен потег е да поднесе оставка, за да не се држи општината во состојба на неизвесност и политичка импровизација.
Општина со повеќе од 60.000 жители не смее да функционира во вакуум без јасно лидерство, визија и одговорност. Наместо постојано префрлање на одговорноста кон Град Скопје, политички ПР-настапи и фотографирање на настани, раководството мора конечно да се посвети на реалните проблеми на граѓаните.
Во пракса, доколку градоначалникот подолг период не е во состојба да ја извршува функцијата, треба формално да се утврди престанок на мандатот — на пример во случај на трајна неспособност — по што следуваат предвремени избори. Секоја друга варијанта претставува институционален вакуум и нефункционално управување со општина со над 60.000 жители.
Време е наместо парадирање, да се работи на терен. Наместо ПР-акции, да се решаваат инфраструктурните, комуналните и административните проблеми кои секојдневно го погодуваат Карпош, бара советникот од Левица.
Со сличен став и советникот од СДСМ и координатор на советничката група, Владимир Бислимовски. Доколку не се промени ситуацијата, иако има секакви гласини околу отсутвото на градоначалникот, порача дека секако ќе побараат да се оди на предвремени локални избори во Карпош за избор на градоначалник.

Владимир Бислимовски – Фото: Општина Карпош
Во изјава за „Локално“, Бислимовски кажа дека Крстевски е в.д. градоначалник и изборот на граѓаните беше кажан на минатите избори.
-Ќе мора да се оди на повторни избори. Јас не верувам дека ќе остане ваква ситуацијата. Се зборува дека ќе има предвремени парламентарни избори, така заедно со тие, да има и повторни избори за градоначалник на Општина Карпош. Засега тоа се само гласини, да видиме што ќе се случува во наредниот период.
Во јавноста, сепак, остануваат отворени прашањата колку ќе трае отсуството на Лукровски и дали состојбата во општината ќе продолжи да функционира преку заменик-градоначалник. Досега граѓаните не дознаа дали Лукровски е сериозно болен, со оглед на фактот дека веќе би требало да користи комисиско боледување.
Премиерот вчера прашан за здравствената состојба на Лукровски и за тоа кога ќе се врати, одговори дека станува збор за лични моменти и дека не сака да коментира, но кажа дека имало „политички глодари“ кои се сителе на состојбата.
Околу тоа дали ќе и се извини на јавноста за „двете лични промашувања за назначувањата на екс-градоначалничката Данела Арсовска и сега Лукровски“, Мицкоски кажа:
-Тоа е лично прашање и моите првите седум години од животот не ми дозволуваат да коментирам што е тоа што е лично, а што не. За вториот дел од прашањето, само ќе се насмеам, кажа Мицкоски од отворањето на новиот училишен базен во Општина Карпош.
Случајот почна да се отвора откако во јавноста се појавија информации дека Лукровски се повлекува од функцијата. Општина Карпош на 8 мај ги демантираше тие наводи и соопшти дека градоначалникот нема поднесено оставка, туку користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини. Од општината тогаш порачаа дека институцијата продолжува да функционира непречено, а надлежностите привремено ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.
Откако поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, го повика директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски да изврши проверка на снимките од безбедносните камери во ТЦ „Сити Мол“, тврдејќи дека актуелниот градоначалник Лукровски бил забележан на „шопинг-терапија“ за време на боледување, првиот човек на ФЗО порача дека не треба да се создава „фама од политички циркус“. Воедно, Клековски посочи дека Фондот нема пристап до снимките од трговските центри.
-Јас немам пристап до камери така што замолувам да не правиме политички циркус, рече Клековски минатата недела како одговор на прашање на „Локално“.
Н.П.