Со пригодна свеченост во училишниот двор, СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица денеска го одбележа својот патронен празник и големиот јубилеј – 80 години од основањето на училиштето.
На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, претставници на Одделението за образование при Општина Струмица, директори на основни и средни училишта, сегашни и поранешни професори, вработени, родители и ученици.

Пред присутните се обрати директорката на училиштето, Билјана Бајрактарова, која истакна дека осумте децении постоење претставуваат сведоштво за историјата, посветеноста и успесите на бројни генерации наставници и ученици.
„Осумдесет години се повеќе од една временска одредница. Тие се историја исполнета со знаење, труд, предизвици, успеси, генерации млади луѓе кои токму во ова училиште ги направиле првите чекори кон професионалната иднина“, истакна Бајрактарова.
Таа нагласи дека во текот на изминатите осум децении училиштето постојано растело, се менувало и се приспособувало на потребите на времето, градејќи ја својата препознатливост преку стручното образование, професионалноста и практичната подготвеност на учениците.
„Вистинската вредност на едно училиште не се мери само со бројки, објекти и образовни програми. Таа се мери со луѓето, со знаењето што го пренесуваат, со она што наставниците им го даваат на учениците, со трудот и амбициите на учениците и со успесите што остануваат како трајна вредност“, порача директорката.

Во своето обраќање Бајрактарова упати благодарност до сите генерации наставници и вработени, поранешни и сегашни, кои со својата работа оставиле белег во развојот на училиштето, како и до учениците, родителите, институциите, компаниите и партнерите кои придонесуваат за неговото напредување.
Таа посочи дека наследството од 80 години не претставува само причина за гордост, туку и голема одговорност за зачувување на стекнатите вредности, воведување новини и создавање нови можности за идните генерации.
„Осумдесет години се зад нас, како сведоштво за нашата историја, а иднината е пред нас, како нова можност и обврска“, нагласи Бајрактарова, посакувајќи јубилејот да биде поттик за уште поголеми достигнувања, нови визии и заеднички успеси.
Во рамки на свеченоста беа доделени признанија на професори и ученици кои во изминатата учебна година дале особен придонес во промоцијата и афирмацијата на училиштето преку учество во проекти, како и преку постигнати резултати на регионални и државни натпревари.

Во чест на патронот, пред бистата на Димитар Влахов во училиштето беше положено свежо цвеќе од страна на градоначалникот Петар Јанков и неговите соработници, сегашни и поранешни вработени во училиштето, како и претставници на Општинската организација на Сојузот на борците.
Одбележувањето на големиот јубилеј продолжува утре, сабота, 7 ноември, кога со почеток во 19:00 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, училиштето ќе организира Свечена академија по повод 80 години од своето основање.
Со осумдецениската традиција, СОУУД „Димитар Влахов“ продолжува да ја исполнува својата образовна мисија, подготвувајќи нови генерации млади луѓе за професионалните предизвици и потребите на современото општество. /Р.Ѓ./
The post СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица одбележа 80 години постоење: Осум децении знаење, труд и успеси appeared first on Radio StrumicaNet.