Кога министер за внатрешни работи јавно ќе изјави дека поседува сериозни докази за случај вреден стотици милиони евра и ќе најави дека јавноста ќе биде шокирана од нивната содржина, природно се наметнува прашањето – зошто тие докази не се доставени до институцијата која единствено може да постапува по нив? Уште поголема дилема е зошто, по таквата јавна изјава, Обвинителството не покажува иницијатива да провери дали навистина постојат нови сознанија што би можеле да влијаат врз предметот.
![]()
Наместо доказите да завршат на обвинителска маса, јавноста за нив дознава преку телевизиско интервју. Доколку тие навистина постојат, тогаш нивното место е во истражна постапка, а не во политички и медиумски настапи. Ако, пак, станува збор за информации кои веќе му биле познати на Обвинителството или за политички квалификации, тогаш останува нејасно зошто се создава впечаток дека постои нешто што намерно се прикрива.
Токму оваа дилема ја отвори и СДСМ, откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред три дена изјави дека предметот „Мазут“ не треба да се смета за затворен и дека во него има многу докази за кривично дело кои јавноста сè уште не ги знае.
Опозициската партија го повика државниот јавен обвинител Ненад Савески да го повика Тошковски и официјално да побара од него да ги достави доказите за кои зборува.
На прес-конференција пред Јавното обвинителство, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, потсети дека Савески неодамна изјавил оти истрагата за „Мазут“ не е трајно затворена и може повторно да биде активирана доколку се појават нови факти и докази.
![]()
„Неколку часа по изјавата на Савески, министерот Тошковски рече дека има докази кои јавноста не ги знае и дека сите ќе бидеме шокирани. Бидејќи изјавата е јавно кажана, ќе видиме дали ќе биде повикан да ги достави тие докази и случајот повторно да биде активиран“, изјави Димитријевиќ.
Од СДСМ прашуваат дали обвинителот ќе постапи по јавно изнесените тврдења или ќе остане на ставот дека нема основ за натамошна истрага. Според нив, доколку министерот навистина располага со нови докази, тогаш тие треба веднаш да бидат доставени до обвинителите, а доколку не располага, јавноста заслужува објаснување зошто се даваат изјави кои создаваат сомнеж за постоење на скриени информации.
Партијата дополнително отвори прашања и околу причините за запирањето на истрагата, барајќи целосно расчистување на случајот кој според досегашните информации се однесува на вредност од околу 167 милиони евра.
Засега од Обвинителството останува ставот дека истрагата е запрена поради недостиг на докази, но дека одлуката не е конечна и може да биде преиспитана доколку се појават нови околности. Токму затоа, по изјавите на Тошковски, вниманието сега е насочено кон прашањето дали неговите наводи ќе добијат институционална разрешница или ќе останат само дел од јавната политичка дебата.
The post ШОК ЗА ЈАВНОСТА ИЛИ ПРАВДА ЗА „МАЗУТ“ – ШТО Е ПРИОРИТЕТ? appeared first on Politika.