ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, застанува зад политиките кои, според партијата, водат кон прифаќање на бугарските барања за уставни измени, додека актуелната владејачка политика, како што наведуваат, е насочена кон заштита на македонските национални интереси.

Од партијата оценуваат дека отворањето на Уставот не би претставувало крај на условувањата, туку почеток на нова серија притисоци врз Македонија. Според ВМРО-ДПМНЕ, уставните измени се само првата отстапка во поширок пакет барања кои Бугарија настојува да ги наметне, а со тоа би се отворила „Пандорината кутија“ за дополнителни услови и идни политички притисоци.

Во соопштението се наведува дека политиките на СДСМ и ДУИ ја довеле државата во неповолна и подредена позиција, оставајќи простор за, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, постојани уцени кон Македонија. Наместо одбрана на државните позиции, од партијата обвинуваат дека претходната власт прифаќала решенија кои повеќе им одговарале на туѓи интереси отколку на македонските.

ВМРО-ДПМНЕ го посочува Филипче како продолжение на истите политики, тврдејќи дека тој денес јавно и безусловно ги поддржува барањата што доаѓаат од Софија. Наспроти тоа, партијата за себе вели дека води достоинствена, принципиелна и државничка политика, чија цел е заштита на македонскиот идентитет, јазик и национални интереси.

Од партијата дополнително тврдат дека над 80 проценти од граѓаните ја поддржуваат меѓународната политика на ВМРО-ДПМНЕ, додека, како што наведуваат, довербата во СДСМ продолжува да опаѓа. Според нив, причината за тоа е што опозициската партија, предводена од Филипче, продолжува да промовира ставови кои се спротивни на македонските позиции.

„Македонија нема да прифаќа нови условувања, нема да тргува со својот идентитет и нема да дозволи националните интереси повторно да бидат жртвувани за нечии политички кариери. Времето на капитулации заврши“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

The post СОФИЈА БАРА, ФИЛИПЧЕ ПОДДРЖУВА: ДАЛИ МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО СЕ ТУРКА КОН ОТСТАПКИ? appeared first on Politika.