Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара од Собранието веднаш да го стопира донесувањето на Предлог-Законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ по скратена постапка, поднесен од група пратеници и да го одбие неговото разгледување по скратена постапка.

Предлагачите да го повлечат предлогот и да го достават на јавна консултација преку ЕНЕР, со спроведена процена на влијанието на регулативата и без одредби со кои се отстапува од Законот за јавните набавки.

-Со предложениот Закон се предвидува за спроведување на овој Проект, Градот Скопје да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“ и за набавките на таа Фондација да не се применува Законот за јавните набавки, стои во соопштението од Платформата за борба против корупцијата.

Платформата ја повикува и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа Предлог-Законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до јавноста и до Собранието.

Платформата предупредува дека усвојувањето на ваков закон создава преседан.

-Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен, велат од Платформата за борба против корупцијата.

Платформата смета дека Фондацијата, која ќе биде основана од Град Скопје и финансирана од буџетот, а и од пари од Европската Унија, е правно лице кое по сите основи треба да има статус на договорен орган кој мора да ги применува одредбите од Законот за јавните набавки.

-Исклучувањето на идната Фондација како договорен орган од обврската да го почитува Законот за јавни набавки создава нееднаквост на институциите пред законот. Платформата го препознава исклучителното културно и општествено значење на проектот и потребата тој да биде навремено и успешно реализиран, велат од Платформата.

Според организациите кои се борат против корупцијата значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција.

-Оттука, загрижува што во Предлог – Законот не се предвидуваат само тесни исклучоци за уникатни авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучува општиот систем на јавни набавки, вклучително и за стандардни стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои постои ефективна пазарна конкуренција, велат од Платформата.

Од Платформата појаснуваат дека иако Советот на Град Скопје ја основа Фондацијата како правно лице, градоначалникот е тој што ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Фондацијата, а не Советот.

-Покрај широката дискреција што му е доделена на градоначалникот во процесот на именување и разрешување, за овие функции како и за функцијата директор, не се предвидени никакви минимални критериуми и стандарди што кандидатите треба да ги исполнуваат, ниту е пропишана ниту постапка за спроведување на изборот. Вака поставениот предлог закон не создава услови со кои се гарантира избор на стручни и професионални кадри што ќе управуваат со Фондацијата.

-Одборот на Фондацијата го усвојува планот за набавки, ги формира комисиите, одлучува за определени набавки и одлучува по приговорите на учесниците во постапките. Со тоа се концентрираат нормативните, управувачките и контролните овластувања во рамките на истата структура, без независна жалбена заштита и без гаранциите што ги обезбедува Законот за јавните набавки, велат од Платформата.

Според невладините организации објавувањето на договорите и последователната ревизија се важни механизми, но не можат да ги заменат јавната конкуренција, однапред утврдените законски постапки и независната правна заштита.

-Предлогот е поднесен по скратена постапка, не е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи и за него не е спроведена антикорупциска проценка на регулативата. За пропис чија содржина е изземање од контролни механизми, отсуството на јавна расправа претставува дополнителен ризик, велат од Платформата.