Собранието денеска ќе ја започне 104-та седница, на чиј дневен ред се наоѓаат повеќе значајни точки, меѓу кои и интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на СДСМ, која обвинува за сериозни пропусти во работењето на ресорот, сомнежи за системска корупција, како и за проблеми поврзани со спроведувањето на програмата ИПАРД 3. Од опозицијата тврдат дека постојат ризици од нетранспарентна распределба на јавните средства и мерки кои, според нив, се на штета на земјоделците.
Покрај интерпелацијата, пратениците ќе расправаат и за голем број законски решенија во прво читање. Меѓу нив се предлог-законите за парнична постапка, судска служба, јавнообвинителска служба, соодветна и правична застапеност, игри на среќа, користење на енергијата од обновливи извори, оружје, заштита од употреба на тутунски и сродни производи, како и измените на Законот за данокот на додадена вредност и Законот за возила.
На дневен ред се и повеќе законски предлози по скратена постапка, меѓу кои измените во законите за Судскиот совет, судовите, електронските комуникации, шумите, земјоделското земјиште, урбанистичкото планирање, градењето и угостителската дејност.
Пратениците ќе одлучуваат и за избор на членови во неколку државни институции и тела, меѓу кои и член на Државна комисија за спречување на корупцијата, член на Судски совет, како и член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На седницата ќе се разгледува и Предлог-кодексот за етичко однесување на пратениците, како и измените и дополнувањата на Стратегијата за регионален развој на Македонија за периодот 2021-2031 година.
Со повеќе од 40 точки на дневен ред, денешната седница се очекува да биде една од пообемните во тековниот собраниски циклус.
The post Собранието ја почнува 104-та седница: Интерпелација за Трипуновски прва точка на дневен ред appeared first on Скопско ЕХО.