Претседателот на Собранието при утврдување на дневниот ред на седницата не го предложи законот за Скопје-европска престолнина на културата 2028 година.
Законот за Скопје – европска престолнина на културата 2028 година нема да се најде на дневниот ред на денешната 119. собраниска седница. Ова е компромисот кој на вонредната координација на претседателот на Собранието Африм Гаши и шефовите на пратеничките групи е договорено откако претходно опозицијата со процедурални забелешки не дозволи да се утврди дневниот ред.
Гаши при утврдување на дневниот ред на седницата не го предложи законот за Скопје – европска престолнина на културата 2028 година.
Според информации на „Слободен печат“ од координацијата договорено е законот да биде ставен на нова седница по летниот одмор на пратениците.
Претходно опозициските ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците жестоко реагираа дека Гаши не го почитува Деловникот и дека материјалите на албански јазик немаат потпис од претседателот и се без архивски број, односно дека Гаши со тоа „гази по албанскиот јазик“.
Опозициските пратеници при процедуралните забелешки си разменија со Гаши навреди, закани и предупредувања поради што собранискиот спикер свика вонредна координација.