Струмица од синоќа официјално се вбројува меѓу градовите кои имаат свој џез фестивал. Во полната сала на Центарот за култура „Антон Панов“ беше отворено првото издание на JAZZ STReam Festival, нова културна манифестација која има амбиција да стане значајна платформа за промоција на џезот и современата музика во регионот.

Честа да го отвори фестивалот му припадна на Националниот џез оркестар, кој под диригентската палка на маестро Џијан Емин приреди концерт што ги спои богатата традиција на џезот со современи музички влијанија. Публиката уживаше во внимателно избрана програма составена од македонски композиции со посебно значење за домашното музичко творештво, како и нови авторски дела создадени од членови на оркестарот.

За струмичката публика ова беше ретка можност одблиску да ја почувствува енергијата и раскошниот звук на биг-бенд формацијата, која важи за една од најзначајните музички институции од ваков вид во земјата. Настапот имаше и дополнителна симболика, бидејќи станува збор за прво гостување на Националниот џез оркестар во Струмица.

Фестивалот го отвори поетот и еден од неговите основачи, Никола Маџиров, кој во своето обраќање истакна дека JAZZ STReam Festival не претставува почеток на носталгија, туку „носталгија кон нов почеток“.

„Од формирањето на првиот диксиленд џез оркестар во Струмица и во Македонија во 1967 година, па сѐ до денес, JAZZ STReam Festival ја продолжува урбаната приказна на една убава импровизирана стварност“, рече Маџиров.

Тој потсети на членовите на првиот струмички диксиленд џез оркестар – Васе Чурлинов, Кирил Лазаров, Кире Калапоцев, Бранко Попчевалиев, Јоцо Јовановски, Љубомир Маџиров и Алфред Вета, нагласувајќи дека токму нивната визија и љубов кон музиката ја поставиле основата на џез традицијата во градот.

Во своето инспиративно обраќање Маџиров зборуваше и за местата низ кои низ годините пулсирал џезот во Струмица – од „Ловен дом“ и легендарниот „Џез клуб“ на Леблебиџиската улица, до „Кафе бар Голден“, „Рекорд паб“, „Сцена 112“, „Депо џез клуб“, Амфитеатарот во Градскиот парк и други простори кои оставиле трага во урбаниот културен живот на градот.

„Многу од тие луѓе, основачи на овие клубови и засолништа на џезот, се вечерва во публиката – сите тие го штитеа пламенот од бурата на минливата светкавост“, истакна Маџиров.

По концертот во Центарот за култура, фестивалската атмосфера продолжи во „Рекорд паб“ со Jam Session на кој настапија членови на Националниот џез оркестар заедно со струмички музичари. Преку импровизации и музички дијалог тие создадоа уникатна вечер во која спонтаноста и виртуозноста се споија во препознатливиот дух на џезот.

Програмата на JAZZ STReam Festival продолжува вечерва со настапите на Гоце Стевковски Квинтет и триото на Тони Китановски. Во наредните фестивалски денови пред струмичката публика ќе настапат квартетот Горан Алиќ, Слободан Ѓошиќ, Пере Ангелов и Теодор Јанковски, како и меѓународниот проект „Transverse“, предводен од американскиот трубач Chad McCollough.

Завршната фестивалска вечер на 7 јуни ќе донесе настапи на групата Летечки пекинезери и проектот „Hot Jazz Orchestra + Пијан Славеј“, во кој како вокалист ќе настапи Бранислав Николов.

Покрај концертната програма, фестивалот нуди и богата офф-програма со промоција на книгата Press & Play, промоција на албумот Day After, радио-разговор со Костадин Шурбановски и DJ сетови.

Со своето прво издание, JAZZ STReam Festival не само што отвори ново поглавје во културниот живот на Струмица, туку и потврди дека градот има публика, традиција и ентузијазам достојни за еден современ меѓународен џез фестивал. /Р.Ѓ./

ФОТОГАЛЕРИЈА

The post Со Националниот џез оркестар свечено отворен првиот JAZZ STReam Festival: Струмица од синоќа е дел од мапата на џез фестивали appeared first on Radio StrumicaNet.