Во организација на Здружението „Камерата Ад Астра“ од Струмица, а со поддршка на Општина Струмица, во текот на јуни ќе се одржи третото издание на Фестивалот „Подиум Ад Астра 2026“, манифестација посветена на промоцијата на младите и перспективни музички уметници од македонската класична сцена.

Годинешното издание ќе понуди четири концерти на кои ќе настапат веќе афирмирани млади музичари, кои со својата работа и успеси се препознатливи на домашната музичка сцена.

Фестивалот ќе започне на 9 јуни со концерт на флејтистката Јана Каевска, придружувана од пијанистката Ивона Базгалоска. На 17 јуни пред струмичката публика ќе настапат Бисера Кировска на виолина и виола и Маја Шутевска Кировска на пијано. Ден подоцна, на 18 јуни, свој солистички концерт ќе одржи пијанистот Матеј Зашовски, додека завршниот концерт на фестивалот е закажан за 23 јуни со настап на пијанистката Софија Михајловска.

Сите концерти ќе се одржат во Концертната сала при ООМУ „Боро Џони“ во Струмица и ќе започнуваат во 19:00 часот.

Организторите ги повикуваат љубителите на класичната музика да бидат дел од фестивалската програма и да ги поддржат младите уметници, кои преку своите настапи ќе понудат квалитетни музички доживувања и ќе ја збогатат културната понуда во градот Струмица.

Фестивалот „Подиум Ад Астра 2026“ претставува значајна платформа за афирмација на младите музички таленти и нивно претставување пред пошироката публика, продолжувајќи ја успешната традиција на оваа културна манифестација во Струмица.

The post Со четири концерти на млади македонски уметници започнува третото издание на Фестивалот „Подиум Ад Астра 2026“ во Струмица appeared first on Radio StrumicaNet.