
Надлежните за состојбите со водата во Гостивар се консултираат со експерти, во општината веќе водата може да се користи за технички потреби, а наскоро се очекува и за пиење, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Партиите не треба шират хистерија, потенцира тој.
– На сите треба да ни е јасно дека станува збор за одговорност која што е на општината и тоа е многу важно да се констатира, бидејќи тие услуги се исклучиво одговорност на општината. Има начин како општината комуницира со државните институции во делот на проверки и слично. Што се однесува до Гостивар од денеска има веќе техничка вода, изминативе неколку денови параметрите беа позитивни, велам во насока на тоа дека инсталациите се прочистени, односно хиперхлорирани и денеска веќе можат граѓаните да ја користат за техничка употреба, не за пиење и за готвење – изјави премиерот Мицкоски во интервју за подкастот „Риштази“.
Додаде дека се очекува овој процес на хиперхлорирање ќе продолжи во деновите што следат.
– Да речеме во втората половина од оваа недела да може истата вода да се користи и за пиење и за подготвување на храна – рече Мицкоски.
Во врска со одговорноста, премиерот Мицкоски посочи на директорот на конкретното јавно комунално претпријатие, кое, како што нагласи, не го поставува Владата, туку други центри, во случајот – градоначалникот и додаде дека Обвинителството си ја врши својата работа за да одреди одговорност.
– На тој начин неодговорно да се однесувате, тоа е нешто кое најмалку може да се очекува. Дека човек кој е поставен да ја води таа институција ќе се однесува на тој начин како што таму се однесувале неколку луѓе, не еден човек… Вие не можете да донесете одлука и таа одлука да ја спроведете сам без притоа да добиете налог или да повикате помош од одредени луѓе за логистика. Во случајов имаме човечко несовесно однесување – потенцираше Мицкоски.
Нагласи дека во неговиот тим е опкружен со експерти за кои се консултира за состојбите и чии совети ги користи. Посочи и дека брзо се реагираше за да се обезбеди питка вода за пиење.
Мицкоски упати благодарност до граѓаните и компаниите кои донираа вода, но и на сите кои имаат трпение.
– Благодарност и до Град Скопје и Јавното претпријатие „Водовод“ кое со свој тим учествуваше во хиперхлорирањето за обезбедување техничка вода и до сите кои имаат трпение. Се надевам дека вакви случаи нема да се случуваат во иднина. Обвинителството си ја врши својата работа, сега ќе видиме кој сè е одговорен – изјави премиерот Мицкоски.
The post СЛУЧАЈОТ СО ГОСТИВАР Е НЕОДГОВОРНО ЧОВЕЧКО ОДНЕСУВАЊЕ, ОЦЕНИ МИЦКОСКИ Повика партиите да не шират хистерија appeared first on plusinfo.mk.