Словачка не плаќа и нема да плаќа за одбивањето да прифати мигранти кои треба да бидат прераспределени од други земји членки на Европската Унија. Ова го изјави словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, реагирајќи на одлуката Словачка да не добие ослободување од придонесите во европскиот механизам за миграциска солидарност.

„Словачка нема да плаќа затоа што одбива да прифаќа нелегални мигранти врз основа на европските квоти. Од Европската Унија очекуваме поддршка во областа на безбедноста и заштитата на надворешните граници на Унијата, а не барање плаќања за непримените нелегални мигранти“, изјави Ешток, пренесува словачката новинска агенција ТАСР.

Тој нагласи дека Словачка го задржува правото самостојно да одлучува кој ќе живее и работи во земјата.

Изјавата следува откако Европската комисија објави дека Словачка нема да добие ослободување од придонесите во фондот за солидарност на ЕУ за 2027 година. Словачката влада претходно побара преиспитување на нејзиниот статус, аргументирајќи дека земјата веќе презела значителен товар со прифаќањето и згрижувањето на десетици илјади украински бегалци.

Портпаролот на словачкото Министерство за внатрешни работи, Матеј Нојман, оцени дека доколку Европската комисија не ја смета помошта за украинските бегалци за доволна причина за ослободување од дополнителни придонеси, тогаш треба да го преиспита начинот на кој ја оценува европската солидарност.

„Во овие околности Словачка очекува поддршка за зајакнување на својата безбедност, а не притисок за дополнителни директни плаќања“, порача Нојман.

Словачкиот премиер Роберт Фицо уште во јуни изјави дека земјата би платила околу четири милиони евра за 2026 година наместо да прифати мигранти кои би биле прераспределени од други членки на Унијата. Сепак, ниту словачкото Министерство за внатрешни работи ниту Европската комисија подоцна не потврдија дека таквиот придонес навистина бил уплатен.

Според европскиот механизам за миграциска солидарност, земјите членки можат да им помогнат на државите под најголем миграциски притисок на три начини: со прифаќање баратели на азил, со финансиски придонеси или со друга оперативна помош, како испраќање персонал, опрема и експертски капацитети.

Словачкото Министерство за внатрешни работи предлага земјата да учествува преку обезбедување персонал, техничка опрема и стручна помош, наместо преку прифаќање мигранти или финансиски уплати.

За конечната форма на механизмот, висината на придонесите и можните ослободувања за 2027 година допрва треба да се договорат земјите членки во Советот на ЕУ, со одлучување со квалификувано мнозинство.