Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески вчера порача дека ека 10.000 денари неделно им се „повеќе од доволно“ на штедачите и клиентите на Алта Банка Битола. Тој во дебатна емисија истакна дека мораше да се ограничи одливот на средства кога банката е во администрација.

-Се одлучивме за тој износ и мислиме дека е оптимален – просечна плата и просечна пензија. Очекуваме процесот да дојде во редовна состојба. 10 илјади е неделно. Доколку некои подигнале вчера кога можеле по 30 илјади, 20 илјади. Вчера заврши неделата, а во ноември ќе има пет можности бидејќи ќе има пет недели и тоа се 50 илјади денари. Повеќе од доволно бидејќи имаме вонредна состојба. Граѓаните треба да бидат сигурни и да веруваат во институциите дека нивните заштеди се на нивните сметки и дека тие имаат целосна гарација дека заштедите никој нема да им ги одзеде, рече Славески во емисијата „Топ тема“.

Славески рече дека се подготвува список на граѓаните без картички, кои главно се пензионери. Гувернерот најави дека тие до среда треба да бидат известени за можноста да подигнуваат готовина на шалтер.

На новинарско прашање како ја направиле процената за српската Алта банка да влезе во Стопанска банка Битола, бидејќи е важно да се знае кој е акционерот, Славески посочи дека Стопанска банка Битола претходно била во многу лоша состојба, опишувајќи ја како „банка на стаклени нозе“, која пет години била под интензивна супервизија на Народната банка.