Пејачот и текстописец Талај Рајли почина на 35-годишна возраст откако беше избоден во источен Лондон.

Полицијата соопшти дека музичарот, чие вистинско име е Марк Орабији, бил пронајден со убодни рани во областа Силвертаун во петокот, по што починал на местото на настанот, пишува „Скај њуз“.

Рајли која е добитник на наградата Греми, беше автор на песни и соработуваше со бројни познати уметници, вклучувајќи ги Дуа Липа, Бритни Спирс и Ели Гоулдинг. Имаше речиси 77.000 слушатели на Спотифај, а претходно настапуваше на турнеи со Ашер и со други музичари.

Во емотивна објава на социјалните мрежи, неговиот брат, музичарот Скрибз Рајли, чие вистинско име е Мајкл Орабији, напиша: „Срцето ми е скршено! Ова не изгледа реално. Се чини како лош сон. Непосредно пред да оди на спиење разговаравме за иднината, за тоа како да останеме позитивни и за сè друго што планиравме да направиме. Никогаш не замислував дека тоа ќе биде нашиот последен разговор.“

Тој додаде дека неговиот брат бил „пријател на многумина, ментор, инспирација и светлина во животите на многу луѓе“.

„Тој длабоко сакаше, несебично даваше и допре до безброј луѓе со својот талент, љубезност и дух“, рече тој.

Во изјавата на семејството се вели: „Марк беше сакан син, брат и пријател. Тој донесе љубов, светлина и радост во нашето семејство и на сите што го познаваа. Засекогаш ќе ја цениме неговата љубезност, прекрасен дух и исклучителен талент. Неговото присуство допре до многу животи, а сеќавањето за него ќе остане засекогаш во нашите срца. Нека неговата душа почива во совршен мир“.

Полиција соопшти дека уште еден маж на возраст од 20-тина години, кој исто така беше избоден со нож во истиот инцидент, останува во болница, но неговите повреди не се опасни по живот.

Три лица се уапсени во врска со овој случај, наведува Метрополитенската полиција.

Еден 27-годишен е ослободен со кауција до понатамошно известување, додека 24-годишен маж и 25-годишна жена се ослободени без понатамошни мерки по полициското испрашување.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @scribzriley

Раперот Стормзи коментираше на објавата: „Жал ми е брате“, додека пејачката Келани напиша „Големи прегратки Скрибс, многу ми е жал“, а британскиот рапер Вретч 32 рече: „Ви испраќам љубов тебе и на твоето семејство брате. Твојот брат беше скапоцен камен и ќе ни недостасува и никогаш нема да ни биде заборавен, никогаш! Почивај во мир.“

Крег Дејвид, Палома Фејт и Оритсе Вилијамс исто така се придружија на социјалните мрежи во простувањето од музичарот.

„О Боже, во шок сум. Немав поим, работев со него неколкупати и тој беше неверојатен талент и забавна личност за дружење“, рече Палома Фејт.