На денешната меѓународна конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Корчуланската висока политичка школа, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“, беше посочено дека социјалдемократите и прогресивците од регионот мора заеднички да одговорат на борбата против корупцијата и авторитарните режими, како и на потребата од интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Во воведното обраќање претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, истакна дека европската интеграција се соочува со сериозни предизвици и отпор од антиевропски структури.

„Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција. Успешната интеграција значително би ги ограничила сивите зони во кои тие денес функционираат. Повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребна силна прогресивна коалиција – коалиција на социјалдемократски партии, прогресивни организации и поединци кои се подготвени да му се спротивстават на овој регрес“, рече Филипче.

Даша Шашиќ Шиловиќ од Корчуланската висока политичка школа, посочи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со сериозни предизвици на кои прогресивните сили мора обединето да одговорат.

„Се соочуваме и со корупцијата, но и со економските проблеми што ќе нè следат во иднина поради авторитарните режими што ги имаме денес. Некој еден ден ќе мора да ја плати сметката. За жал, најверојатно тоа ќе бидат помладите генерации. Друг проблем со кој се соочуваме, е одливот на мозоци. Како да им пристапиме на младите во регионот за да го спречиме овој процес? Повторно, мислам дека тоа мора да се направи на поиновативен начин. Мора да размислуваме надвор од вообичаените рамки. Токму затоа оваа можност и соработката меѓу сите нас може да стане простор и пат за такво размислување.“ рече Шашиќ.