
Силното невреме со бурни налети на ветер што попладнево го зафати Скопје предизвика бројни штети низ повеќе делови од градот, а градските служби веднаш излегоа на терен за расчистување на последиците.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи сподели видео од состојбата по невремето и порача дека реакцијата на службите била брза и организирана.
– Природата не можеме да ја спречиме, но реагиравме брзо, организирано, навремено и одговорно – напиша Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека екипите на градските јавни претпријатија веднаш биле мобилизирани, а паднатите дрвја и гранки започнале да се отстрануваат.
– Булеварите се проодни, а паднатите дрвја и гранки интензивно се расчистуваат. Ќе бидеме будни и на терен во текот на целата ноќ – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски упати порака до граѓаните дека институциите остануваат активни сè до целосно санирање на последиците.
– Скопје нема да остане само ниту во најтешките моменти – напиша тој.
Силниот ветер попладнево предизвика паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, прекин на електрична енергија во делови од градот и материјални штети на повеќе локации. Надлежните служби продолжуваат со интервенции и проценка на состојбата.
The post 📽️ СКОПЈЕ ПО БУРАТА ШТО ПРЕДИЗВИКА ХАОС Ѓорѓиевски објави видео од последиците и најави интервенции во текот на ноќта appeared first on plusinfo.mk.