
Невремето што го зафати Скопје повторно го отвори прашањето за квалитетот на новите градби и оправданоста на рекордно високите цени на недвижностите. Додека квадратен метар во новите згради во главниот град достигнува и до 4.000 евра, силниот ветер покажа дека дел од објектите не се доволно отпорни ниту на екстремни временски услови со оштетени фасади, скршени прозорци, летнати кровни конструкции и делови од покриви расфрлани околу зградите.
Случувањата предизвикаа бројни реакции кај граѓаните, кои на социјалните мрежи го поставија прашањето за квалитетот на градбите и оправданоста на високите цени на становите. „За што плаќаме 4.000 евра за квадрат, ако при прв посилен ветер летаат кровови и се оштетуваат делови од нови објекти?“, прашуваат тие, барајќи поголема контрола врз изведбата и почитување на градежните стандарди.
Градежниот експерт Никола Велковски смета дека невремето ги извади на површина слабостите кај дел од новите градби и повторно го отвори прашањето дали високите цени на становите во Скопје навистина одговараат на квалитетот на изградбата. Според него, проблемот најчесто се појавува поради недоволниот стручен надзор во текот на целиот процес – од проектот до реализацијата на објектите.

Никола Велковски – Фото: Принтскрин/Јутјуб
– Има многу малку градежни фирми кои го следат целиот процес со комплетен инженерски тим. Најчесто инвеститорите ангажираат фирми кои немаат лиценцирани инженери што треба да го контролираат секој сегмент од градбата. Постојат и фиктивни фирми за надзор кои воопшто не се присутни на терен, а при техничкиот прием само се составува записник и се потпишуваат документите. Тоа значи дека изостанува квалитетен надзор – изјави Велковски за „Локално“.
Тој објаснува дека една од причините за оштетувањата на крововите е нивното несоодветно прицврстување, поради што силниот ветер лесно ги подигнал и однел делови од конструкциите.
– За кровот е потребна стабилна конструкција и добро прицврстен лим. Кога кровната конструкција не е правилно поврзана со објектот, ветерот влегува под покривот и го крева. Сличен проблем има и кај фасадите кои не се добро обработени, особено околу прозорците, па затоа дојде до отпаѓање на стиропор и кршење на прозорци – вели Велковски.
Според него, последиците од нестручната изведба, употребата на неквалитетни материјали и недоволната контрола се видливи по секое поголемо невреме.
– На крај, граѓаните се тие што го плаќаат резултатот. Инвеститорите гледаат на профитот, а купувачите плаќаат илјадници евра за квадрат и очекуваат квалитетен и безбеден дом – предупредува Велковски.
И од Синдикатот за градежништво предупредуваат дека дел од причините за оштетувањата кај новите објекти треба да се бараат во неодговорното однесување на дел од работодавачите и недоволното почитување на законските обврски во градежниот сектор.

Фото: Локално
– Кај голем дел од новите градби изостанува вистинскиот надзор. Има недоволна контрола и од страна на градежните и трудовите инспектори во однос на тоа дали се почитуваат стандардите при изградбата на новите станови. Токму поради таквите пропусти денес гледаме како невремето предизвикува сериозни оштетувања на покриви, фасади и други делови од објектите – изјави Иван Пешевски за „Локално“.
Од Синдикатот сметаат дека високите цени на недвижностите мора да бидат проследени со повисоки стандарди на градба, бидејќи граѓаните кои купуваат станови не плаќаат само квадратура, туку и сигурност, квалитет и долгорочна вредност на својот дом.
Б.С.