
„Иако е можно одредено приближување кон Европската Унија, во предизборната кампања Студентската листа најави невоведување на санкции кон Русија што го дефинираа како „обѕир кон историското искуство“. Тие исто така нагласија дека Косово го сметаат за интегрален дел од Србија, а Русија е стратешки партнер по тоа прашање. Ниту самиот Вучиќ не ја спроведуваше надворешната политика на склоност кон Руската Федерација само поради сопствено убедување, туку и поради општото јавно мнение кое е доминантно русофилско“, вели во разговор за „Локално“, политикологот и координатор на Секторот за надворешна политика во Левица, Александар Симонов, говорејќи за состојбите во регионот по заминувањето на екс-претседателот Александар Вучиќ од власта во Србија и дали тоа би значело намалување на врските на Русија со овој дел од Европа.
Како што додава, досега ниту една српска влада, без разлика дали е проевропска или не, не покажувала намери да ги затега односите со Русија.
Околу тоа колку новите политички сили во Србија имаат простор да ја променат надворешната политика без да предизвикаат внатрешни поделби, соговорникот вели дека дури и пред доаѓањето на власт на Вучиќ и СНС (помеѓу 2012 и 2014) Србија водеше надворешна политика без многу осцилации неврзано дали на власт беа десничарите на Коштуница или демократите на Тадиќ.
-Константата во српската надворешна политика се: добри односи со Русија, тесни врски со Република Српска и непризнавање на независноста на Косово. Дури и најистакнатите проевропски доносители на одлуки во Србија не се дрзнале да постапуваат поинаку.
Денес политичките консталации во Европа се сериозно изместени. Надворешната политика на Србија до сега во главно ја претставува народната волја. Ако новата Влада нагло тргне спротивно од народната волја, до поделба веројатно ќе дојде, но не помеѓу широките народни маси, туку помеѓу „елитата“ на власт и широките народни маси. Во овој момент, тоа го гледам како малку веројатно, оценува членот на Президиумот на Левица.
Се поставува дилемата како промената на власта во Србија и евентуалното редефинирање на односите со Москва би се одразиле врз Македонија и дали македонската надворешна политика воопшто треба да ја земе предвид промената на геополитичките односи во Белград…За разлика, од ЕУ, која бара од своите партнери да ја усогласат сопствената надворешна политака со нејзината, Симонов нагласува дека Русија своите партнери ги гледа како суверени и за да бидете нејзин партнер, таа не бара „да не бидете партнер“ со оној со којшто таа не е.
-Оттука, Односите помеѓу Македонија и Србија се билатерални, односите помеѓу Србија и Русија се билатерални. Едното никогаш не влијаело директно врз другото.
Македонската надворешна политика треба да ги следи случувањата во Србија не само поради малку можната геополитичка престројка, туку поради тоа што станува збор за најблискиот сојузник на Македонија на Балканот. Тоа што е моментално најважно е Србија да добие стабилна влада со која Република Македонија ќе продолжи да ги гради инаку топлите односи, потенцира Симонов.
Од опозициската СДСМ велат дека руското влијание на Балканот зависи од слабостите на европската политика за проширување…За соговорникот, претставувањето на Русија како „лошата страна“, и некакво „руско влијание“ е причина за неуспеси и слабости кај балкански влади и не ја сметам за издржана.
-„Руското влијание“ на Балканот, е онолку силно, колку што се големи неуспесите на владите за интеграција во ЕУ и за да ги покријат своите неуспеси мора да се бара виновникот надвор од нив.
СДСМ на случувањата во меѓународната политика гледа црно-бело и особено ги поларизира нејзините главни актери. Како што нема и не може да постои непомирлива дихотомија помеѓу ЕУ и Русија, така ниту балканските земји, без разлика дали се дел од ЕУ или не се, ќе развиваат односи со Русија во онаа мерка во која имаат интерес. Состојба на вечно непријателство е невозможна. Кризата во Украина неминовно во еден момент ќе заврши, а земјите од ЕУ соработката што ја прават со Русија преќутно или преку трети земји, повторно ќе стане јавна и директна, нагласува членот на Левица во разговорот.
Симонов, исто така, додава дека не смета Србија во било кој момент била причина за нестабилност на Балканот. Потсетува дека таа е воена неутрална земја, што не е случај и со останатите, каде што, како што вели, неодамна имавме пример за „правење пакт“ (договори за воена соработка) помеѓу земји од регионот кои се веќе членки на НАТО-пактот. Како и од секоја досегашна влада на Србија, така и од оваа очекуваме сериозен и пријателски пристап и уверени сме дека и оваа власт ќе постапи слично.
-Со сите српски влади сме имале топол и присен однос, а очекуваме така да продолжи и во иднината, заклучува Симонов.
Н.П.