Силното невреме што вчера го погоди Скопје зад себе остави големи материјални штети на повеќе локации низ градот. Покрај паднатите дрвја, оштетените возила и покриви, на удар се најдоа и објекти од историско и институционално значење.
Меѓу оштетените е и препознатливиот часовник на Музејот на град Скопје. На фотографија што се прошири на социјалните мрежи може да се забележи дека е оштетена стрелката која ги означува секундите, како последица на силниот ветер што го зафати главниот град.
Покрај Музејот, невремето предизвика штети и на повеќе државни институции. Оштетени се објектите на Основното јавно обвинителство, комплексот „Вила Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, зградата на „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Надлежните служби продолжуваат со проценка на штетите и расчистување на последиците од невремето, додека се очекува во наредните денови да биде утврден целокупниот обем на материјалната штета.
The post Симболот на Скопје претрпе штета по силното невреме appeared first on Скопско ЕХО.