Силувачот Бернадин Дедиќ, кој ѝ држел нож под грлото на една жена и се заканувал дека ќе ја убие доколку не ги исполни неговите сексуални барања, по грешка бил пуштен од затвор во Велика Британија и сега се наоѓа во бегство во Босна и Херцеговина. Дедиќ (48) пиел црвено вино и земал кокаин кога извлекол нож, велејќи ѝ на својата жртва дека доколку вришти, никој нема да ја слушне. Тој ја исекол облеката на жената пред да ја подложи на низа силувања и сексуални напади во голготата која траела неколку часа.

Дедиќ бил пуштен од затворот Вормвуд Скрабс во западен Лондон на 6 февруари, откако судски службеник погрешно му соопштил на затворот дека на обвинетиот му е одобрена кауција. Во рок од неколку часа Дедиќ, бизнисмен кој живее во Илинг, ја напуштил Велика Британија со возот Еуростар и се вратил во својата родна земја БиХ, пишува Би-би-си. Метрополитен полицијата му го одзела британскиот пасош за време на истрагата за силувањето, но тој успеал да го искористи својот босански пасош за да обезбеди седиште во возот.

Дедиќ минатата година бил задржан во притвор откако бил обвинет по четири точки за силување, две точки за сексуален напад со пенетрација, наведување лице на сексуална активност без согласност, закана на лице со нож во приватен простор и упатување закани по живот. Во вторникот, поротата во негово отсуство го прогласи Дедиќ за виновен по сите девет точки од обвинението. Обвинетиот изнесувал разни изговори за своето невраќање пред лицето на правдата, вклучувајќи и тврдења за срцев удар и скијачка несреќа, и останал во БиХ додека судењето се одвивало во Кралскиот суд во Ајлворт. Доколку не се врати на рочиштето за изрекување на пресудата, се очекува британските власти да покренат постапка за екстрадиција.

Обвинителот Сајмон Санфорд изјави пред судот дека Дедиќ ги извршил нападите во својата куќа во западен Лондон, набрзо откако се разделил од својата партнерка. Се наведува дека Дедиќ испил големи количини црвено вино и ушмркал линии кокаин пред да ја намами жената во својот подрум. Кога била долу, таа се свртела кон скалите и го видела како држи ориентален кујнски нож со црвена рачка, рече обвинителот. Чекорејќи кон неа, ја фатил и рекол дека ќе ја убие неа, а потоа и себеси. Таа била исклучително уплашена, но се обидела да го смири, а тој додал дека доколку вришти, никој нема да ја слушне.

Високиот судија, полицајците и агентите на Граничната служба вложиле напори за да го олеснат враќањето на Дедиќ во Велика Британија за судењето во март, но во последен момент Дедиќ им рекол на своите адвокати дека не е во можност да патува поради повреда на коленото. Судијата Мартин Едмундс се согласил да го одложи судењето од март за јуни за да му даде време на Дедиќ да закрепне. Но, на почетокот на овој месец, Дедиќ не се појави во судот и тврдеше дека доживеал срцев удар во Сараево.

Кога првпат ја слушна веста, судијката Хана Данкан изјави дека е далеку од убедена дека тој навистина имал срцев удар, но побара медицински извештаи за да се утврди вистинската состојба. Следниот ден, бидејќи Дедиќ останал без правен застапник во судот бидејќи не ги платил своите адвокати, судијката одлучила судењето да продолжи без него. На претходните рочишта беше откриено дека Дедиќ случајно бил пуштен од затвор откако судски службеник ги измешал дигиталните списи на предметот и по грешка забележал дека му е одобрена кауција. Известувањето за кауција потоа било испратено до затворот, што довело до ослободување на Дедиќ.

Судијата Едмундс во својата одлука наведе дека иако таквите грешки се исклучително ретки, и дека всушност ова е единствениот случај за кој знае дека дошло до погрешно пуштање на затвореник кој бил држен во притвор пред овој суд, тие ја сфаќаат оваа грешка исклучително сериозно. Тој додаде дека во целост ќе истражат како дошло до неа и какви чекори можат да преземат за да спречат тоа да се повтори. Откако ослободувањето на Дедиќ излегло на виделина, Службата за судови и трибунали на Неговото Величество покрена истрага, а портпаролот изјави дека ја разбираат вознемиреноста што ваквите грешки можат да ја предизвикаат кај погодените, и дека ваквите случаи ги разоткриле длабоко вкоренетите проблеми во скршениот правосуден систем што владата го наследила