Силно невреме, проследено со пороен дожд и исклучително силен ветер, денеска по 18:00 часот повторно ги зафати Струмица и поширокиот Струмички регион.

Според првичните информации од терен, невремето предизвикало големи штети во земјоделството. На повеќе локации во струмичко се уништени пластеници и посеви, а оштетени се и железни конструкции. Силниот ветер соборил дрвја и гранки, како и електрични столбови и жици, поради што надлежните апелираат на зголемена внимателност.

Екипите на Територијалната противпожарна единица Струмица се на терен и работат на расчистување и санирање на последиците.

„Апелираме до сите возачи и граѓани да бидат исклучително внимателни при движењето поради нестабилни дрвја и оштетена инфраструктура“, соопштија од ТППЕ Струмица.

Екипи се ангажирани и на подрачјето на општина Струмица. Директорот на ЈПКД „Комуналец“, Кире Синдраковски, информираше дека веднаш по невремето на терен биле испратени екипи на комуналното претпријатие.

Тие, во соработка со струмичките пожарникари, ги расчистуваат коловозите од паднати дрвја и откинати гранки. Според Синдраковски, засега од граѓаните не се пријавени поголеми штети за кои е потребна интервенција.

На територијата на општина Босилово се ангажирани екипите на ЈПКД „Огражден“. Градоначалникот Ристо Манчев информираше дека невремето повторно предизвикало проблеми и ги повика граѓаните да внимаваат на паднати електрични жици и столбови.

„Апелираме на внимателно возење и да се внимава на паднати жици, бандери и други опасности. Постојано сме во контакт со ЕВН во врска со снабдувањето со електрична енергија, од каде што добивме уверување дека прават сè што е во нивна моќ. Постапуваме во рамките на нашите надлежности и можности“, објави Манчев.

Надлежните служби остануваат на терен, а целосниот обем на штетите, особено врз земјоделските површини и пластениците, дополнително ќе се утврдува. /Р.Ѓ./

The post СИЛНО НЕВРЕМЕ ПОВТОРНО ГО ПОГОДИ СТРУМИЧКИОТ РЕГИОН – УНИШТЕНИ ПЛАСТЕНИЦИ И ПОСЕВИ, ПАДНАТИ ДРВЈА И БАНДЕРИ appeared first on Radio StrumicaNet.