Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со надлежните служби и екипите на јавните претпријатија, е целосно мобилизиран по силното невреме што попладнево го зафати главниот град.

Ѓорѓиевски посочи дека службите се на терен и дека се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции.

– Сите расположливи капацитети се ставени во функција за заштита на граѓаните и спречување на поголеми штети и последици – информира Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на ноќта и ќе интервенираат на сите локации каде што ќе има потреба.

– Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен. Службите се мобилизирани, екипите се на терен, граѓаните не се сами – порача градоначалникот.

Граѓаните на кои им е потребна помош или имаат итна потреба од интервенција можат да се јават на телефонскиот број 078 207 687.

The post СИЛНИОТ ВЕТЕР НАПРАВИ ШТЕТИ, СЛУЖБИТЕ ВО АКЦИЈА Град Скопје ги стави сите капацитети во функција appeared first on plusinfo.mk.