Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да се кренат на повисоко ново, а економското партнерство да ги достигне нашите политичко односи е заедничка заложба со мојата колешка, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со претседателката на Индија Друпади Мурму, која е во дводневна посета на земјата.

-Ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање индиска резидентна Амбасада во Скопје, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа рече дека со колешката од Индија се согласиле дека контактите меѓу двете влади, министерства, парламенти и институции треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

-Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за бројни договори и меморандуми за разбирање се доказ за силната политичка волја за институционализирање на соработката. Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои: дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи, изјави шефицата на државата.

Претседателката на Македонија рече дека економската трансформација на Индија е веројатно една од највпечатливите успешни приказни на 21-от век.

-Во текот на само една генерација, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото. Во исто време, убедени сме дека и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа на заедничката прес-конференција со индиската колешка ја претстави Македонија како важен крстопат на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила, преференцијален пристап до европските пазари.

-Ние сме привлечна влезна точка, порта за индиските компании коишто сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Не сме само географска, туку сме и раскрсница на идеи, на иновации, на инвестиции и на можности. Во текот на разговорите идентификувавме бројни области во кои нашите економии, а тоа ќе го сторат се разбира многу поквалификувано бизнисмените, можат меѓусебно да се надополнуваат. Од автомобилската индустрија и фармацевството, преку здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство. Мислам дека има импресивен спектар на можности што чекаат да се претворат во конкретни проекти, изјави Сиљановска-Давкова.

Фото: Локално

Претседателката рече дека на тет-а-тет средбата со индиската претседатлека разговарале за економијата на иднината: вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и новите технологии.

-Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигна приближно 133 милиони американски долари. Далеку е оваа бројка под вистинскиот потенцијал. Поради тоа, со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел – во следните пет години билатералната трговска размена да достигне барем 500 милиони американски долари, изјави Сиљановска-Давкова.

Шефицата на државата истакнала дека овие цели се стратешка определба што може да ги поттикне владите, институциите и приватниот сектор со поголема решителност да работат кон мерливи резултати.

-Културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и  академската соработка сигурна сум дека поседуваат огромен, неискористен потенцијал. За мене тие создаваат најдлабоки и најтрајни врски меѓу народите, бидејќи не врзуваат само институции, туку поврзуваат пред сè – луѓе, изјави Сиљановска-Давкова и додаде дека културната дипломатија може да стане една од главните движечки сили на индиско-македонските односи.

Според претседателката, најсилните пријателства меѓу народите не ги градат само претседателите, претседателките и владите, туку студентите, уметниците, претприемачите, научниците и младите луѓе кои учат едни од други, враќајќи се со трајни спомени и длабоко меѓусебно разбирање.

-Се осврнавме на неколку значајни глобални иницијативи на Индија. Врз основа на нашата првична проценка, не гледаме пречки ние за приклучување кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи. Очекуваме да ги утврдиме конкретните начини преку кои нашата држава ќе може активно да придонесе за нивниот понатамошен успех, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа се осврна и на геопоитичката состојба и на ослабената доверба во мултилатералните институции и рече дека одговорот на слабостите на мултилатерализмот не може да биде помалку мултилатерализам.

-Како земја-членка на НАТО, чијашто  стратешка цел е членството во ЕУ, нашата геостратешка положба ни овозможува да водиме повеќедимензионална надворешна политика. Настојуваме да ги продлабочуваме постојните партнерства, но и да градиме нови со земји што ја споделуваат нашата определба за мир, развој и меѓународна соработка, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа рече дека во овој дел Индија зазема значајно место и заеднички заклучиле дека е потребна реформа на Обединетите нации, со далеку порепрезентативен Совет за безбедност но и со посилно влијание на Генералното собрание.

Претседателката на Индија, Друпади Мурму е сигурна дека нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија. Ова е прва посета на индиски претседател на Македонија.

Таа рече дека ќе има соработка меѓу двете земји во делот на обика на македонските граѓани за работа и примена на АИ техологија, како и тоа дека и претсатавува чест да ја открие бистата на Махатма Ганди во музејот на Град Скопје, која е подарок од народот на Индија за народот на Македонија.

Е.Б.