Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Европската Унија треба да размисли за методологијата на преговори и истакна дека не може да се однесува кон Македонија во стилот „молчи и слушај“.

– Често велам дека ЕУ треба да размислува за методологијата на преговори. Не може да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат човек и сиромашен човек. Не. И кандидатите и кандидатите за кандидати имаат што да кажат, рекла Сиљановска во интервју за МИА.

Таа прашала за какви преговори станува збор кога на Македонија ѝ велат: „Еве ја рамката, спроведете ја, променете го Уставот, бидејќи ние сме внатре, ние сме ексклузивно општество, а вие чекате“.

– Не. На ЕУ ѝ се потребни и длабоки реформи, нагласила претседателката.

Шефицата на државата кажала и дека Македонија ќе ја организира конференцијата „Брдо – Бриони“, бидејќи верува дека овој процес не смее да запре.

– Можеби нема да биде ниту Брдо ниту Бриони, но ќе биде добар балкански чекор. Немаме никаков проблем, особено не територијален или каков било друг проблем, со нашите соседи. Во рамките на процесот Брдо-Бриони дејствуваме како одговорен регионален играч и сите мои колеги го почитуваат тоа, изјавила Сиљановска.