Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, утре во Софија ќе оствари средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, во рамки на посетата поврзана со Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа.

Средбата ја потврди самата Сиљановска-Давкова, посочувајќи дека очекува разговорите да бидат насочени кон сите отворени и важни прашања меѓу двете земји.

Таа оцени дека средбата претставува продолжение на претходниот разговор што го имале во Ереван и нагласи дека е неопходно да се градат мерки за доверба и подобра комуникација меѓу граѓаните на двете држави.

Според неа, соработката во различни области и заедничкото учество во проекти може да придонесат за надминување на недоразбирањата и за создавање подобра атмосфера во билатералните односи.

„Не треба да се навредуваме и повредуваме, туку внимателно да ги мериме зборовите и да работиме на градење доверба“, порача Сиљановска-Давкова.

Во Софија ќе престојува и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој заедно со претседателката ќе учествува на регионалниот самит.

Муцунски и претходно истакна дека дијалогот со Бугарија е неопходен и дека се потребни средби на високо политичко ниво, но нагласи дека македонските позиции во однос на уставните измени остануваат непроменети.

The post Сиљановска-Давкова и Јотова утре на средба во Софија appeared first on Прва Скопска ТВ.